kbqb6kspqij7kjdc57wz

Некои репортери и новинари немаат пари да си купат или изнајмат камерман, добар микрофон и добра камера. Се` што имаат е добар телефон со одлична камера со која можат да се снимаат при своите новинарски активности (нешто како што прави Саше Политико во неговите герила акции). Држењето на селфи-стап е една работа што овозможува вакво саморапортирање, но аудио квалитетот на снимката е најчесто лош па споен со одличната камера кои мобилните телефони веќе ја имаат звучи несоодветно.

На помош доаѓа Solocam, Indiegogo проектот кој сака да создаде селфи-стап кој на едната страна има одличен микрофон, а на другата вашиот телефон. Идејата е микрофонот да се поврзе преку Bluetooth со телефонот, и со помош на апликацијата која ја развија од Solocam, да снимите одлично аудио додека саморапортирате. Стапот има прикладна рачка за која може да се држи целиот композитен уред, па ако сакате можете да го држите со една или со двете раце.

Дополнително, рачката која го држи телефонот може да се врти до 180 степени околу оската, што овозможува снимање на широк дијапазон и поставување на камерата (телефонот) на интересни локации, што на видеото ќе изгледа дека ве „следи“ додека одите низ град и зборувате. Рачката е така изградена за да ги минимизира вибрациите и да овозможи стабилна слика дури и при вртење или одење по нерамен терен, а апликацијата дополнително ја стабилизира сликата.

За жал, овој интересен и инвентивен проект нема до сега добиено доволно средства за да се оствари: има обезбедено околу 9 илјади долари од бараните 40 илјади, кои треба да ги добие за околу 30 дена одсега. Се надеваме дека ќе ги добие посакуваните средства и дека ќе може да се оствари, за да им овозможи и на други герила новинари ширум светот и кај нас да ги пренесуваат во живо своите акции. Секако, можете и вие да го поддржите проектот со донирање на одреден износ на средства, а за само 49 долари (плус транспорт) ќе ја добиете основната верзија на Solocam.

Се надеваме дека Solocam ќе се примени таму каде што навистина треба – во герилски новинарски акции, а не за правење милион слики за на Instagram.

Извор: The Next Web, Indiegogo

Претходна статијаGHOST – европски проект за физички интерактивни екрани
Следна статијаLogitech со ново лого и бренд стратегија