Јапонскиот гигант повторно изненадува со револуционерен продукт – далечинско со e-ink екран, кое може да ги замени сите далечински управувачи во Вашиот дом и тоа да го направи со висок стил.
Тајната е во e-ink технологијата, иста како во читачите на електронски книги (e-reader), која има само две бои – црна и бела, но може да прикаже и комплексна графика и најдоброто од се, троши многу малку енергија. Всушност, бидејќи овој екран не троши воопшто енергија доколку не треба да ја смените сликата, односно ако таа е статична, па копчињата секогаш ќе бидат видливи и батериите веројатно ќе ги менувате после подолго време, како и во обичните далечински управувачи.
Вториот адут во ракавот на Huis е можноста за персонализирање – корисникот може сам да си дизајнира интерфејс кој најмногу му одговара за дадениот уред и тоа може да го направи дури и на својот компјутер. На пример, можете да имате различен интерфејс за клима уредот, за телевизорот, за Blu-Ray читачот итн. Дизајните на интерфејсот корисниците можат и да ги споделат на интернет, што значи дека доколку „ве мрзи“ сами да го правите тоа, останатите корисници веќе имаат решенија за Вас.
Овој далечински управувач навистина делува импресивно и би бил одличен додаток во секој дом, но цената од околу 250 долари (во Јапонија), секако дека ќе избрка многу потенцијални купувачи. Чудно, бидејќи развојот на уредот е преку “First Flight crowdfunding” платформата на Sony, што значи дека идните корисници се оние кои го спонзорирале… Како и да е, Huis веројатно нема да го видиме кај нас – Sony нема најавено продажба надвор од Јапонија.
Извор: The Verge, GSMArena, Digital Trends