Изборот на паметни часовници станува се поголем, што ја покажува популарноста на оваа категорија на производи кај корисниците. Повеќето поголеми производители на мобилни уреди веќе имаат по неколку модели на паметни часовници, а се очекува тоа наскоро да го направат и тие кои што уште немаат претставено ниту еден.
Sony не е нов во овој бизнис, односно од оваа компанија имаат претставено паметен часовник уште пред да почнат да стануваат до овој степен популарни. Меѓутоа она што е интересно е што Sony паметните часовници никогаш не добија нешто посебно голема популарност и бројка на продадени уреди. SmartWatch е името кое што го носат паметните часовници од Sony, а досега се претставени два модели.
Оваа недела се одржува IFA настанот во Берлин, па покрај многу други производи, видовме и доста други паметни часовници. Sony на овој настан го прикажа SmartWatch 3 кој што според тоа што можеше да се види претставува прилично добро унапредување од претходниците. Она што е можеби најважно кај третата генерација е што работи на Android Wear оперативниот систем кој што се повеќе производители го избираат за нивните паметни часовници.
Sony SmartWatch доаѓа со 1,6 инчен правоаголен екран со резолуција од 320 на 320 пиксели. Работи со помош на 1,2 GHz четири јадрен процесор, како и 512 MB на RAM меморија. Вградената меморија е со капацитет од 4GB, што се разбира е доволно за ваков уред. Батеријата која што е со капацитет од 420 mAh според Sony треба да овозможи два дена на работа на часовникот или четири доколку е во мирување. Ова е сепак област во која што ќе треба да се причека на нова генерација на батерии, па користењето на паметен часовник да биде што послично со обични часовници кои што ги носиме сега.
SmartWatch 3, како и тие на конкурентите, вклучува повеќе сензори кои што му овозможуваат користење и како фитнес уред, па така тој доаѓа со жироскоп, акцелерометар и GPS сензори.
Покрај третата генерација од својот паметен часовник, Sony оваа недела го претстави и SmartBand Talk, паметен часовник наменет за фитнес активности. Овој часовник како што би очекувале е помал, вклучува правоаголен тесен екран на кој што се прикажуваат основните информации. Екранот не работи на допир, па малиот број на активности за навигација низ корисничкиот интерфејс се прави преку копчиња.