srs-lsr100

Во SONY никогаш не престануваат да работат на нови технологии или нови изведби на старите технологии. Под нивна капа се наоѓа PlayStation и цела плејада на секаква потрошувачка техника (телевизори, микробранови печки, фрижидери, снимачи, телефони итн.), а во поново време пишувавме за нивниот фокус и на други технологии како беспилотни летала.

Сепак, тие понекогаш на пазарот вадат производи кои се чудни во најмала рака (барем на прв поглед). Земете го примерот за SRS-LSR100. Уредот е комбинација од далечински управувач за вашиот телевизор со огромен вграден звучник во него. Улогата на управувачот ни е јасен, но, зошто звучникот? Според SONY, телевизорот ќе го испраќа звукот до SRS-LSR100, па вие можете да го земете на друго место и да продолжите да ја слушате програмата додека вршите други работи.

Пред да продолжите да се чудите за корисноста на овој уред, да ви кажеме дека SRS-LSR100 на себе има и влез за слушалки – што е можеби најдобрата карактеристика на уредот. Имено, ако навечер сакате да гледате телевизија, а некој до вас сака да заспие, тогаш ќе си вклучите слушалки во уредот и ќе си слушате без да им сметате. Не сме сигурни колку ваквата карактеристика ќе ве убеди да го купите SRS-LSR100 особено зошто се продава по цена од околу 160 долари, за кои пари можете да си купите таблет со слушалки и да гледате и слушате програма каде и да сакате.

Извор: TechCrunch, TechnoBuffalo

Претходна статијаSmartHalo – велосипедски асистент за низ град
Следна статијаКои се менторите на StartQube – летниот камп за стартапи и претприемачи и зошто треба да бидете таму