Sulon-Q-Headset-05-640x409

Едно од најголемите ограничувања кај популарните VR очила, односно уреди за гледање виртуелна реалност, е што мораат да се поврзат со прилично моќен компјутер за да овозможат квалитетно гејмерско искуство. Sulon Q е првиот VR уред кој нема потреба од тоа, односно кој ги има сите потребни компоненти за играчот да може да ужива во виртуелната реалност, без да треба да се поврзе со надворешен уред.

Sulon Q ќе го среди нередот со кабли благодарение на соработката со AMD, кој ги „донира“ процесорот FX-8800P со четири јадра и Radeon R7 графичка картичка, кои ќе бидат помогнати од 8 GB рам меморија и 256 GB SSD диск за податоци. Ова не се многу моќни компоненти, барем не колку што Oculus Rift бара да бидат компјутерите на кои ќе работи, но според производителот треба да се доволни виртуелно искуство. Од друга страна, малку загрижува и фактот што гледачот ќе мора да носи прилично тежок компјутер на главата…

Screenshot_1

Дисплејот на Sulon Q има резолуција од 2560х1440 пиксели, што е веројатно минимумот за задоволително виртуелно гледање, бидејќи одблизу и зголемено на ваква резолуција ќе се познаваат пикселите. Дисплејот е OLED, што пак значи дека би требало да има прилично длабоки бои и неограничен контраст.

Sulon Q има и други адути во ракавот, како на пример можноста да се користи и како своевиден уред за „Изменета реалност“, благодарение на двете камери во предниот дел, кои можат прецизно да ја мапираат околината. Овој систем работи со помош на посебен “Spatial Processing Unit” на AMD, кој благодарение на камерите може да го следи и движењето на гледачот низ собата и истото да го пренесе во виртуелниот свет.

Управувањето со објектите во игрите пак ќе се врши преку гестови, односно нема да има потреба од дополнителни уреди, како ракавици или џојстици, што е постигнато исто така благодарение на погоре споменатиот посебен чип на AMD.

Првиот VR уред со вграден компјутер ќе биде достапен на крајот од летото, по засега непозната цена, но со оглед на тоа дека има цел компјутер во него, не може да се очекува да биде евтин.

Извор: Ars Technica, TechRadar, Sulon

Претходна статијаНовиот Razer Blade гејмерски лаптоп е помоќен, полесен и поевтин од претходникот
Следна статијаLG K5 и K8 се стилски смартфони со ниска цена