Raspberry Pi 2 е еден од најмалите и најевтини компјутери во светот, наменет пред се за едукативни потреби, но и за програмерите кои сакаат евтино решение за развивањето на нови кодови. Механичките тастатури, пак, обично ги купуваат гејмерите, но и новинарите и сите оние кои сакаат повратна информација при стискањето на копчето, односно вистинско чувство дека стиснале некое копче. Лаури Хакараинен, популарен на “Reddit”, ги спои токму тие две работи во едно, со многу мали модификации.
Зошто некој би вградил недоволно моќен компјутер во скапа механичка тастатура, која веројатно чини повеќе од самиот Raspberry Pi 2 е нејасно, но некогаш е доволно да се покаже дека се може. Project Kiiboard, како што е името на проектот е направен пред се како идеја за тоа што се може да се постине доколку се има добра идеја.
Иако навидум модификациите се многу мали, Лаури вели дека приспособувањето на минијатирниот компјутер во внатрешноста на тастатурата не било воопшто лесно. За таа цел, дури морал и да отстрани неколку делови од компјутерот, како на пример Ethernet портата за LAN поврзување, која едноставно е премногу голема за вградување во тастатурата.
Исто така, Лаури морал буквално да залепи неколку завртки за да може да го зацврсти малиот компјутер во тастатурата. Од сликите може да видиме и дека поврзувањето со каблите не е најдобро решено, но сепак се работи за аматерска изработка. Интересно, задниот поклопец на компјутерот е испринтан со 3D принтер.
Вградениот Raspberry Pi 2 можеби нема премногу можности, но има два USB влезови и HDMI излез, што значи дека на оваа тастатура ќе може и да се изгледа некое филмче. За оние кои сакаат да ја користат тастатурата на друг компјутер, вграден е прекинувач кој го дозволува тоа и кој го исклучува Raspberry Pi 2 од употреба.
Секако, ова што го гледате на фотографиите не очекувајте да го видите во продавниците – направен е исклучиво за да се покажат можностите на Raspberry компјутерите, но веројатно и на способноста на самиот креатор на изумот. Како и да е, браво!
Извор: Technabob