Во една потенцијална нова епизода на „која е хорор-приказната на денот“, компанијата The Touch почна да нуди на пазарот дигитализиран прстен кој ќе ви овозможи да ги чувствувате срцевите отчукувања на вашиот партнер.
Прстенот се поврзува преку Bluetooth со вашиот телефон, и потоа ја користи Интернет врската за да ги испрати отчукувањата до партнерот. Така заедно ќе можете да си ги чувствувате срцата и со тоа, теоретски, да бидете поблиску еден до друг дури и кога не сте физички еден до друг.
Велам теоретски бидејќи во оној момент кога на вашата девојка ќе и` снема безжична врска и ќе престане да ги испраќа нејзините отчукувања, вашите ќе почнат да се качуваат заедно со напливот на хорор-филмови во вашите мисли. Уште пак да се погоди да и` снемало батерија и да е недостапна, нервите ќе почнат да ви попуштаат. Е сега, замислете ова да ви се случи неколку пати по ред…
Како и да е, може да се каже дека се работи за досетлива и фина идеја, но која може да има катастрофални последици во некои случаи. Секако дека за оние кои сакаат да го имаат срцето на партнерот што поблиску е супер да имаат еден ваков уред, но мора да бидат спремни и за илјадници прашања кои би следувале ако случајно ви се погоди период на побрза срцева активност, а сте кажале дека сте уморни и ќе легнете да спиете.
Прстените светкаат и вибрираат при секое отчукување, направени се од нерѓосувачки челик или сафир, а нивната цена е од 599 долари до 2.990 долари за пар. Покрај тоа што ќе ве тормозира при секое снемување мрежа, ќе ве задолжи за цел живот. Барем додека не престане да праќа сигнали на другиот прстен. Супер.
Преку: The Next Web, Oddity Central, Hello Giggles