Скоро сите нови модели на паметни телефони од високите класи, освен iPhone, денес доаѓаат со можност за безжично полнење. Сепак, ова решение јас би го нарекол делумно безжично, бидејќи базата мора да е поврзана со кабел во струја, а телефонот се полни само кога е легнат на неа. Нов украински стартап наречен “XE” тврди дека има решение со кое ќе можете да го полните телефонот на многу поголеми далечини.
Идејата е многу едноставна. За оние што знаат малку повеќе електроника и барем некогаш истражувале на тоа поле, веројатно слушнале за „кристално радио“. Ова е радио кое може да прима сигнали и потоа да ги репродуцира во звуци, без употреба на никаква дополнителна енергија. Секако, не треба да очекувате дека звукот ќе биде гласен, но самото тоа што овој уред може да се користи само со енергијата од радио брановите е навистина импресивно.
„Кристалното радио“ е всушност една поголема намотка со бакарна жица, антена за да ги прими брановите, кондензатор и кристален детектор, како и слушалки со висок отпор, кои треба да го репродуцираат звукот. Полначот на XE работи на многу сличен принцип, но тука ја користи енергијата од радио брановите за да ја наполни батеријата на телефонот.
Во превод, уредот кој ги испраќа радио брановите не мора да се ставен многу близу до телефонот, што отвора многу нови можности. Системот не работи на екстремни далечини – за тоа радио брановите ќе мора да бидат многу моќни, но сигурно ќе работи до неколку метри далечина, што е доволно за да ви се полни телефонот додека ракувате со него или зборувате, а базата седи во непосредна близина. Да и ова решение има ограничувања, но би можел да замислам како седи на работната маса каде што го пишувам овој текст сега и ми го полни телефонот независно дали е потпрен на масата или го држам во рацете.
Тимот планира да го промовира новиот безжичен начин на полнење со посебна футрола за iPhone, во која ќе биде вграден целиот систем за примање на брановите, како и базата која ќе ги испушта радио брановите кои треба да го наполнат телефонот. Базата треба да има номинална моќност од 2,5 W, односно максимална од 5 W, што е исто како кај скоро полначи, а работи на фреквенција пониска од 100 Mhz, слична на оние што ги користат радио станиците.
XE планира во иднина да го понуди овој полнач за многу различни типови на уреди, како паметни часовници, таблети и лаптопи.
Извор: Ars Technica, Digital Trends