Сте чекореле веќе доста над задолжителните 10.000 чекори дневно низ градот, бркајќи обврски насекаде. По толку чекорење веќе веројатно нозете и кичмата ве болат и „врескаат“ на цел глас дека мора да одморите, но нема одмор бидејќи имате уште доста обврски да завршите.
Запознајте се со WalkCar, личен електричен градски транспортер создаден од јапонскиот 26-годишен инженер Куниако Саито. WalkCar е уред голем колку 15-инчен преносен компјутер кој во себе има батерија и електромотори.
Операцијата со него е многу едноставна. Го сместувате на земја и се качувате на него, по што тој почнува да вози по површината. Кога сакате да престане да вози станувате од него. Ако сакате да вртите лево и десно се навалувате со телото на таа страна. Како што можете да видите на видеото, WalkCar е прилично способна машина која овозможува качување на нагорници, снаоѓање околу препреки, лесно прекинување и започнување со работа, и секако, ќе ве издржи вас на него (ако имате до 120 килограми).
Куниако Саито го измислил и создал поради тоа што имал инженерски проекти на кои работел на факултетот. Изграден е од алуминиум, максималната брзина му е 10 км/ч и може да помине 12 километри пред да треба да се полни, што е возење од околу 1 до 2 часа, во зависност од тоа каде се возите и каде го користите.
Саито сака да го лансира преку Kickstarter кампања по цена од 800 долари. Иако ваквата цена е прилично солена за ваков производ, сепак, WalkCar изгледа и функционира одлично и се надеваме дека со текот на времето ќе се намали неговата цена, односно, конкуренти ќе создадат подобри и поевтини производи.
Секако, ако го користите во иднина запазувајте на вашите 10.000 чекори дневно и нема да имате проблеми со вашето тело.