Кинескиот гигант почна да се шири во апсолутно секоја сфера на технологијата, па на ред дојде и виртуелната реалност. Како и скоро секој друг сериозен производител на паметни телефони и тие сега имаат VR уред во кој може да го ставите Вашиот Xiaomi паметен телефон и да гледате виртуелна реалност, но со еден „мал“ проблем – се уште не можете да го купите.
Уредот има прилично класичен VR дизајн и може да прими телефони со големина од 4,7 до 5,7 инчи. Сепак, Mi VR Play ќе се разликува по тоа што ќе доаѓа со неколку надворешни принтови кои треба уредот да го направат поперсонален. Претпоставувам дека кога ќе излезе на пазарот, уредот ќе може и да се кастомизира според потребите и желбите на купувачите.
Xiaomi посветиле големо внимание и на комфорот – Mi VR Play е изработен од лесна и удобна Ликра, која овозможува долго и удобно носење. Mi VR Play има и отвори за вентилација, кои ќе го намалат потењето на лицето, додека телефоните ќе се зацврстуваат со патент, нешто што делува навистина уникатно (и чуди како не им текнало на други за ова досега).
Сето ова делува навистина импресивно кога ќе се каже цената, која изнесува околу 8 денари во Кина. Да, не е грешка. Сепак, за да го добиете уредот по оваа цена треба да бидете дивелопер и да бидете избрани од Xiaomi, што значи дека Mi VR Play и не е уште во продажба. Секако, уредот наменет за широка потрошувачка нема да биде толку евтин, но очекувајте доста подостапна цена од таа на Samsung Gear VR на пример.
Извор: Tech Crunch, The Verge, Techno Buffalo