Во мај оваа година Google најави дека планира да започне со процес на бришење на сметките кои не се активни, а како такви би се сметале тие кои не се користени две години.
Како главна причина за оваа одлука се истакнува безбедноста на корисниците, а заборавените сметки кои се оставени така имаат поголем ризик од пробивање и можно крадење на идентитетот на корисникот.
Од компанијата сега започнаа да ги известуваат корисниците преку порака на Gmail, а оваа порака е испратена на сите корисници, не само тие кои имаат сметки кои одамна не ги користеле.
Ова значи дека доколку активно си ја користите својата Google сметка, оваа порака не треба да ја гледате како некоја грешка или ризик за бришење на вашата сметка.
Како неактивна сметка се смета таа која воопшто не е користена, односно која не се користи на Android, не се користи за гледање на YouTube видеа и слично.
Од Google даваат предлог како корисниците можат да ги заштитат своите сметки од бришење, односно како да се сметаат како активни:
- Читање или испраќање на имејл
- Користење на Google Drive
- Гледање на YouTube видео
- Споделување на слика
- Симнување на апликација
- Користење на Google Search
- Користење на Sign in with Google за најавување на некој сервис или апликација
Од компанијата исто така истакнуваат дека нема да ги бришат сметките кои имаат прикачено видеа на YouTube, а ова беше воведено како заштита од можно бришење на стари сметки кои имаат важни и интересни видеа на сервисот.