Mozilla, поточно профитната компанија Mozilla Corporation, доби нов директор, кој ја замени привремената директорка Лора Чемберс. Новиот директор е Антони Ензор-ДеМео кој ја имаше позицијата виш потпретседател од декември 2024, па генерален менаџер на Firefox од јули оваа година.
Како главна поента во неговата објава по повод стапувањето на новата позиција може да се извади следната изјава:
„Како што Mozilla се движи напред, ќе се фокусираме на тоа да станеме доверлива софтверска компанија. Ова не е слоган. Тоа е насока што нè води како ќе градиме и како ќе растеме.“
На Mozilla и Firefox дефинитивно им треба враќање кон нивниот главен стил на работа, а тоа е довербата од страна на корисниците, нешто што може да се каже дека беше скоро уништено изминатите години, но од најавата не може да се заклучи дека дефинитивно ќе се оди во тој правец.

Покрај говорењето за доверба, Ензор-ДеМео исто така најави дека Firefox ќе се претвори во модерен ВИ прелистувач и ќе поддржува портфолио на нови и доверливи додатоци.
Во објавата се нагласува дека вештачката интелигенција треба да е нешто што корисниците ќе бираат дали сакаат да го користат и нешто што ќе можат да го исклучат, но за жал, додавањето на функции со ВИ обично привлекува негативно внимание.
Целата објава од новиот директор на Mozilla можете да ја прочитате тука.










































