Кога Apple минатата година најави дека конечно ќе го прифатат RCS протоколот, тоа беше одлична вест, во главно за корисниците во САД каде Messages апликацијата од компанијата е доста популарна. 

Прифаќањето на протоколот, официјализирано во октомври со iOS 18.1, значи дека и Android корисниците можат да се приклучат на „модерните“ разговори со нивните „зелени облачиња“, а истите да не бидат во форма на застарените SMS пораки. 

Единствениот проблем кој остана е недостатокот на таканареченото од-крај-до-крај шифрирање на разговорите, нешто што како функција не е дел од RCS протоколот. 

Google го имплементира познатиот Signal протокол за шифрирање кај нивната Messages апликација која функционира со RCS, но тоа не е доволно без имплементацијата од страна на Apple. 

Од компанијата истакнаа дека ќе работат со GSMA, организацијата која стои зад развојот на RCS протоколот, за додавање на шифрираните разговори. Официјалната најава од организацијата дека се работи на такво нешто дојде минатиот септември, па не беше познато кога точно може да се очекува. 

Сега оваа функција официјално е имплементирана, а како дел од најновите спецификации за RCS протоколот. Шифрирањето е направено на основа на MLS протоколот. 

За 9to5Mac од Apple потврдуваат дека во некоја од наредните софтверски надградби планираат да ги имплементираат најновите спецификации за RCS, а со тоа и шифрирањето на разговорите. 

Ова теоретски значи дека наскоро Android и корисниците на Apple ќе можат да разговараат со подобра заштита и приватност, но ќе почекаме да видиме дали сето ова ќе биде имплементирано. 

ИЗВОР9to5Mac
ИЗВОР 2GSMA
Претходна статијаMicrosoft Edge доби поддршка за „екстензии“ на Android
Следна статијаSamsung го најави официјалното пуштање на One UI 7 за идниот месец
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.