
Социјалната платформа Reddit најави нови мерки за справување со растечкиот проблем со автоматизирани профили и содржини генерирани од вештачка интелигенција. Извршниот директор на компанијата, Стив Хафман, информираше дека платформата ќе воведе систем кој ќе бара од профилите со сомнително или нетипично однесување да докажат дека се управувани од страна човек.
Овој потег е насочен кон зачувување на автентичноста на мрежата во период кога автоматизираните активности и спам содржините земаат сè поголем замав.
Проверката нема да биде масовна и нема да се однесува на мнозинството редовни корисници. Системот ќе биде активиран ретко и исклучиво кај оние профили кои интерните алатки ќе ги препознаат како потенцијални ботови.
За процесот на верификација, Reddit планира да користи технологии како Passkey и различни биометриски сервиси кои можат безбедно да го потврдат човечкото присуство. Доколку сопственикот на сомнителниот профил не успее да ја помине оваа проверка, неговите активности на платформата ќе бидат ограничени.
Покрај санкционирањето на несаканите ботови, Reddit ќе воведе и нов начин на категоризација за корисните автоматизирани алатки кои веќе функционираат на мрежата. Добронамерните ботови кои нудат различни услуги за заедниците ќе бидат официјално означени како апликации, со што ќе се воведе јасна дистинкција.
Компанијата нагласува дека овие безбедносни мерки нема да ја нарушат традиционалната анонимност на платформата, бидејќи целта не е да се собираат лични податоци за идентификација на граѓаните, туку само да се потврди дека зад профилот стои реална личност.









































