Доста години чекавме додека уредите со екрани кои можат да се превиткаат, конечно бидат претставени на пазарот. Технологијата изгледа се’ уште е во развој, па тоа се виде од проблемите и одложувањата оваа година.
Два производители сега за сега ќе настапат на пазарот со вакви екрани, не ги броиме тие кои претставија само концепти и примери, а тоа се Huawei и Samsung. Samsung по едно одложување поради проблеми со оштетување на екранот, ја почна продажбата минатиот месец.
Huawei иако немаа проблеми како Samsung, тие не даваа тест уреди по порталите, сепак се решија да го одложат почетокот и на нивниот Mate X, со што се покажа колку оваа технологија уште е во развој.
Конечно и Huawei ќе се приклучи на пазарот и ќе почне да го продава својот Mate X, за почеток во Кина. Цената, како што беше и најавено при претставувањето на телефонот, ќе биде околу 2.400 долари, а уште не е точно познато кога може да се очекува во остатокот од светот.

Huawei Mate X и Samsung Galaxy Fold, иако се уреди со екрани кои се превиткуваат, сепак се со нешто различен концепт. Galaxy Fold се превиткува, поточно затвора како книга, односно спрема внатре, а на надворешната страна е достапен уште еден екран кој служи за уредот да се користи како телефон. Mate X има само еден екран кој се превиткува на надворешната страна, а со тоа се добива поголем екран кога се користи како телефон, но исто така го остава екранот изложен на потенцијално оштетување доколку корисникот не внимава.
Од ова што можевме да го видиме оваа година со овие два уреди, можеме да заклучиме дека сепак 2021 изгледа ќе биде годината кога ќе видиме најмногу и повеќе развиени уреди со екрани на превиткување.