Ракометната  еуфорија  која деновиве ја зафати Битола во очекување на натпреварот Еурофарм Пелистер и Нексе од Нашице   имаше своја  „епизода“ и на битолските улици. На општо изненадување на битолчани, вчера во Битола од страна на РСБСП,  МВР и Црвениот крст-Битола а со поддршка на РК Еурофарм Пелистер, беше организирана превентивно едукативна акција во рамките на кампањата „Стави појас“.

Спортскиот директор на РК Еурофарм Пелистер, Димитар Митревски и македонските репрезентативци Никола Митревски и Гоце Ојлески, претседателот на РСБСП Гордана Кожуваровска, Саше Гилевски-началник на сектор за превенција на СВР Битола и  претставници на општинската организација на Црвениот Крст од Битола, вчера на улиците во Битола делеа освежувачи за автомобили и друг едукативен материјал со совети и пораки за тој кој, кога и зошто треба да користи сигурносен појас во возилото.

Возачите и патниците кои ги почитуваа прописите и правилата во сообраќајот  и кои веќе го имаа ставено појасот  беа изненадени и станаа добитници на билети за натпреварот Еурофарм Пелистер и Нексе, а некои од посреќните добија и понекој дрес или маица од македонските репрезентативци и од претставниците на клубот. 

Акцијата „Стави појас“ продолжува и вечерва,  за време на натпреварот. Сите посетители на денешниот натпревар помеѓу Еурофарм Пелистер и Нексе ќе добијат едукативен материјал и освежувач за автомобил брендиран со боите на клубот и сигурносен појас.

„Стави појас“ – за твоја безбедност! – е пораката која вчера беше испратена до возачите и патниците во Битола.

Претходна статијаЛинкови од разни ќошиња на интернетот (#16)
Следна статијаWindows 10X ќе се ажурира за само 90 секунди