Autodesk, Inc. е мултинационална корпорација, со седиште во San Rafael, California, која е фокусирана на производство на софтвер за дизајнирање во 2D и 3D димензии, кој се користи во архитектурата, инженерството, градежништвото, производството итн. Оваа компанија е позната по својот најпопуларен софтвер за компјутерски потпомогнато проектирање, AutoCAD, кој е наменет за изработка на дигитални прототипови, нивна визуализација, симулација и анализа на поедини особини.
Неодамна, оваа компанија на својата веб страна ги објави своите планови за развој на open-source, софтвер платформа за 3D принтање, наречена Spark. Имено, во соопштението на извршниот директор на компанијата, Carl Bass, се вели дека покрај ова Autodesk ќе лансира и свој 3D принтер, производ кој ќе биде комплементарен на софтверот Spark.
Во изминатите неколку години, 3D принтањено доживува своевидна експанзија, па многу нови дизајни на овие производи се појавија во јавноста. Меѓутоа, и покрај ова, 3D принтерите не се користат масовно. Една од главните причини за ова е дефинитивно стандардизацијата. На пазарот постојат неколку различни компании, со свои различни 3D принтери, кој работат на различен начин. Она што недостасува е еден вид стандард – софтвер кој ќе ги обедини производителите, а воедно и корисниците.
Проектот Spark, има за цел да го надмине претходно споменатиот проблем, па така софтверот кој оваа компанија ќе го понуди, ќе го направи 3D принтањето многу поедноставно и полесно. Spark платформата ќе биде бесплатна за лиценцирање, но и јавно достапна за дополнителен развој и експериментирање. Истото важи и за Spark3D принтерот кој оваа компанија има во план да го понуди на пазарот. Тој ќе биде компатибилен со широка палета на материјали, направени од самата компанија, но и од други компании, се со цел да се поттикне откривање на нови матерјали кои би се употребиле за оваа цел.
Светот само што почнува да го осознава потенцијалот на областа на 3D принтањето, па како главна цел на проектот Spark е интегрирање на што повеќе корисници на едно место. Очекувањата се дека Spark софтверот, а воедно и Spark 3D принтерот на Autodesk ќе бидат достапни кон крајот на оваа година.