На тест изминатите две недели имавме нешто по нестандарден производ од тоа што обично го тестираме, односно смартфони и лаптопи. Благодарение на Lenovo, го тестиравме нивниот Robot Vacuum Cleaner E1. Ова е од оние веќе познати производи кои до пред некоја година можеа да се најдат само од ограничен број на производители, а можеби и само од еден.
Прашањето кое го имавме веќе одреден период и пред да го земеме E1 на тест беше, дали реално еден ваков производ може да го исчисти нашиот дом, односно да го замени човекот или барем да му ја олесни работата ?
Одговорот е до некаде релативен, односно ќе кажеме да, но со неколку дополнителни објаснувања кои треба да бидат јасни. Се сведува на повеќе фактори, а посебно од поставеноста на мебелот, теписите, како и големината на просторијата.
Во нашиот случај, E1 одлично успеваше да ги исчисти нашите простории кои се во главно од паркет и плочки, а исто така немаме многу работи кои би му пречеле. Секако, останува заклучокот дека ако сакате „генералка“, тоа мора самите да го направите, а сигурно еден ваков производ нема да може да се „бутне“ под секој двосед и тросед, а за тоа ќе мора да ги засукате ракавите самите.
Едно можеме со сигурност да кажеме, од кога целосно самите или вашата чистачка ќе го исчисти домот, E1 е тука да го одржува во таа состојба без проблеми до наредното поголемо чистење, па слободно би рекле и нешто повеќе.


Што доаѓа со Lenovo Robot Vacuum Cleaner E1 и што се може да направите ?
Во кутијата се наоѓаат доста работи, па на прв поглед ќе се запрашате дали ќе успеете да ја организирате целата работа која може да ја понуди E1. Секако, по краткото разгледување, па и читање на корисничкото упатство, лесно ќе се снајдете и ќе почнете да го користите производот.
Тоа што е најдобро со E1 е што на почетокот ќе треба само малку да се помачите, но потоа веќе и ќе заборавите на чистењето, а подовите ќе ви бидат чисти. E1 ќе го научите вашиот дом, ќе научи каде треба, а каде не треба да оди, а на вас ќе остане само да го празните садот со прашина од време на време, а не треба да мислите ни за полнењето на батеријата, E1 самиот се враќа на станицата за полнење кога ќе заврши со чистење.

Склопувањето на E1 се прави за кратко време, а се што треба да додадете се „перките“ на долната страна кои помагаат во собирањето на прашината и трошките, да се придвижат во потребниот правец. Тука се и уште неколку додатоци за чистење на самиот уред, а достапен е и далечински управувач за контрола на E1.
Тоа што го прави посебен овој производ е што тој не е само правосмукалка. Со лесна замена на садот за собирање на прашина, со другиот кој е исто така достапен во кутијата, E1 се претвора во „џогер“ кој покрај тоа што ќе ви ја собере прашината и трошките, ќе му даде на вашиот паркет или плочки дополнително чистење и „полирање“.

Како се користи E1?
При првото вклучување најдобро и најинтересно ќе биде само да го вклучите E1 и да го оставите да си ја врши својата работа. Изберете само што подобро место за станицата за полнење, а тоа би било на отворен простор до ѕидот, од каде E1 ќе може лесно да почне да чисти, а на крајот да се врати на полнење.
Гледајте го само каде се би „сакал“ да оди E1, со што ќе добиете претстава како функционира. Потоа веќе можете да почнете да му помагате да ја научи вашата просторија.

E1 ќе ја научи вашата просторија на неколку начини. Едноставно можете да го оставите сам да се движи, по што со тек на време ќе почне ефикасно да ги поминува сите делови од собата.
Сепак, нашата препорака е да ги искористите понапредните можности кои ви се на располагање, а тоа се далечинскиот управувач или уште подобро Lenovo Cleaner апликацијата за мобилните.

Преку далечинскиот и апликацијата можете да го гледате статусот на E1, да изберете од неколкуте достапни режими на чистење, како што се движење од почетната точка, па наоколку, движење околу краевите на собата, но ние препорачуваме да сепак најчесто ја користите можноста за целосно и планирано чистење.
На Lenovo Cleaner мобилната апликација можете да ја погледнете мапата од вашиот стан која ја исцртува E1 како што се движи низ него, а за таа мапа да биде што повеќе точна, можете да му помогнете при движењето, преку самата апликација или преку далечинскиот управувач. Лесно ќе се снајдете за овој дел, стрелките на далечинскиот, како и на апликацијата се доста очигледни и интуитивни за користење.
Една од работите која најмногу не интересираше беше дали ќе има ситуации каде E1 ќе отиде во одреден дел од просторијата и едноставно ќе заглави и ќе мора ние да станеме да го извадиме. Тоа не се случи ниту еднаш. Сензорите на уредот работат одлично, а каде и да се погодеше E1, си го наоѓаше патот за да продолжи. Да, во некои ситуации остануваше нешто подолго време додека да „излезе“, но затоа е тука можноста за прилагодување на патот каде се движи, а во кутијата се достапни и налепници кои можете да ги поставите на деловите каде не би сакале воопшто да поминува.
Колку добро чисти E1?
Веднаш би кажале дека ние бевме многу задоволни од нивото на чистење на овој уред. Кога го „истрениравме“ да знае каде треба да се движи, го оставивме да си ја врши работата без наша помош и го следевме резултатот.
Поради тоа што E1 се враќа на станицата за полнење после секое чистење, батеријата е нешто на кое не мислевме. Се што правевме од време на време беше да го испразниме садот со прашина, а мора да признаеме, џогерот не го користевме често, а тоа најверојатно беше и поради тоа што уредот го имавме ограничено време, односно доколку се одлучиме да си купиме еден, сигурно би ја искористиле и таа можност.

Како што очекувавме, нашиот простор веќе немаше насобрано прашина и слични ситни работи, кои чекаат на чистењето додека не станат очигледни. Со E1 најмногу ни се допадна што едноставно просторот стана почист, па кога ќе дојде време да се направи погенерално чистење, подовите бараа најмалку време, за разлика од претходно.
Дали вреди купувањето на робот правосмукалка?
Слободно може да кажеме дека вреди, а посебно откако ќе ја научите работата, ќе се одредат просториите и деловите каде може да се движи уредот и слично. Иако цело време коментарот ни е дека ваква правосмукалка е тука само да го одржува просторот чист до наредното поголема чистење, сепак би кажале дека кога ќе дојде времето за тоа, на подовите нема да губите многу време, сигурно не како порано.