Кога минатата година првпат почнав да го користам Samsung Galaxy S25 Ultra, главниот впечаток беше дека ова е уред кој е создаден да ги помести границите на брзината и продуктивноста. Тоа може да се каже дека беше заклучокот од мојата прва рецензија за овој уред, покрај другото.
По дванаесет месеци интензивно секојдневно користење, одговорите на прашањата за тоа колку навистина вреди овој уред почнаа сами да се наметнуваат. Наместо почетниот ентузијазам за новиот дизајн и моќниот чипсет, сега на површина излегуваат искуствата од реалното користење. Како батеријата се справува со стотици циклуси на полнење, колку е релевантна вештачката интелигенција во секојдневието и дали титаниумската рамка го задржа својот премиум изглед по сите патувања и обврски.
Кога Samsung го претстави Galaxy S25 Ultra, беше јасно дека станува збор за технолошки врв. Најновиот процесор, најнапредниот систем на камери, S Pen и дизајн што го продолжува наследството на Ultra серијата. Во мојата прва рецензија го прогласив за „најбрзиот Galaxy досега“, импресиониран од моменталните перформанси и иновациите што ги донесе.

Galaxy S25 Ultra не е само телефон кој добро изгледа на хартија со своите импресивни спецификации. Тој е работна машина која низ изминатата година помина низ бројни софтверски надградби, кои дополнително го „исполираа“ корисничкото искуство.
Овој пат, ќе се фокусирам на тоа како уредот созреваше заедно со моите потреби и зошто дури и денес, кога веќе се појавуваат понови модели, овој телефон останува првиот избор за секој кој бара беспрекорна стабилност и моќ во еден пакет.
Реалноста по 365 дена: Помеѓу маркетингот и секојдневната употреба
Кога ќе се тргнат на страна сите маркетиншки слогани со кои стандардно сме бомбардирани при претставувањето на производите, она што останува по една година е суровото корисничко искуство. Мојот најголем страв беше дали вештачката интелигенција, која Samsung толку агресивно ја промовираше, ќе стане само уште една заборавена опција во менито.
По дванаесет месеци, морам да признаам дека реалноста е некаде на средина. Иако не ги користам алатките за генерирање слики секојдневно, функциите за брзо сумирање на долги текстови и подобрување на сликите станаа составен дел од мојот процес на користење на телефонот. Тоа не е револуција која го менува животот, но е суптилна еволуција која заштедува време кога е најпотребно.

One UI 7 и ажурирањата во текот на годината, имаат посебен дел во позитивното корисничко искуство. Ова е една од најдобрите верзии на One UI, а јас спаѓам во категоријата на фанови на тоа што го прави Samsung со нивниот „скин“ врз Android 16.
На крајот на денот, S25 Ultra по една година користење не се чувствува како минатогодишен модел, туку како добро разработена машина која точно знае што треба да испорача, а голема улога во тоа игра токму One UI 7.
Екранот: Овде Samsung не познава конкуренција
Ќе бидам искрен, ова е најдобриот екран што некогаш сум имал шанса да го користам. Не само што е огромен со своите 6.9 инчи, туку е и невообичаено јасен на сонце благодарение на Gorilla Armor 2 стаклото со анти-рефлексивен слој.
Тенките рамки околу екранот навистина прават разлика, а тука се и квалитетот на сликата, боите и контрастот. Едноставно, Samsung прави екрани кои овозможуваат недостижно ниво.

Перформанси: Брз на првиот ден, брз и денес
Snapdragon 8 Elite чипот, прилагоден за Galaxy, е навистина моќен. Од првиот ден знаев дека е брз, но се прашував колку долго ќе остане таков. Одговорот сѐ уште е дека телефонот е неверојатно брз. Отвора апликации моментално, работи со две-три апликации во исто време без никакво забавување, а камерата се отвора и фотографира во милисекунди, доста важен фактор.
Една работа што посебно ја забележав е дека телефонот практично не се загрева. Samsung го зголеми системот за ладење за 40% и тоа навистина се чувствува. Кога играм игри или снимам 4K видео подолго време, телефонот станува топол, но никогаш не е непријатен за држење.
Камерата: Одлична еволуција за секоја ситуација
Надградената 50MP камера е јасно подобрување, иако просечниот корисник можеби нема веднаш да го забележи тоа. Дневните фотографии се фантастични, остри, добро експонирани и со одличен динамички опсег. Ноќното фотографирање е многу подобро од претходните генерации, а посебно ако користите и нешто постар модел, иако забележав дека на 3x зум во ноќен режим има малку повеќе шум отколку што би сакал.
Видеото е област каде Samsung навистина ја има намалено разликата со врвот на пазарот на овој план, iPhone. Снимав настани, концерти и семејни прослави, а резултатите се одлични. Видеото е перфектно за објавување на социјални мрежи, каде што квалитетот на изворниот материјал доаѓа до израз. iPhone сè уште има лесна предност во специфични сценарија како кинематографскиот режим, но за 95% од ситуациите, двата телефони се потполно изедначени.

Батеријата: Реалноста по стотици полнења
Како што споменав на почетокот, конзистентноста на батеријата е точка каде што почнав да забележувам промени. Додека во првите месеци завршував со 30% преостаната батерија доцна во ноќта, денес тој процент е помал. При тешка употреба, не ретко се случува да морам да го приклучам на полнач во доцните попладневни часови.
Ова е природен процес по цела година интензивно користење и секојдневно празнење. Брзото полнење секако помага да се преброди денот, но автономијата повеќе не е онаа истата од првиот месец.
Тука зависи веќе и од стилот на користење на корисниците, а и што прават во текот на денот. Со оглед на тоа што јас работам на компјутер, не би претставувало проблем да треба и повеќе пати во денот да го полнам телефонот.

Заклучок: Дали вреди инвестицијата денес?
По 365 дена со Samsung Galaxy S25 Ultra, можам слободно да кажам дека уредот одлично старее. Софтверот е максимално испеглан, камерите нудат конзистентност во секакви услови, а екранот останува ненадминат на пазарот.
Доколку денес барате премиум уред, S25 Ultra е веројатно најсигурната инвестиција која ќе ви трае со години. Освен ако не сте подготвени да експериментирате со уреди на преклоп кои нудат поинакво искуство, овој класичен формат во својата врвна форма е сè што ви треба за сериозна работа и мултимедија.






































