Изгледа во последно време не ретко можеме да прочитаме за тоа како компаниите вклучуваат одреден софтвер во нивните производи кој што може да ја наруши приватноста, сигурноста на компјутерот и слично. Некој од овие софтвери можеби и не прават штета, меѓутоа самото инсталирање без знаење на корисниците е проблем сам за себе.
Одредена бројка на корисници на познатиот торент софтвер uTorrent пријавиле дека со најновата верзија од програмата се инсталира и додатна програма без знаење на корисниците. Се работи за програмата наречена Epic Scale која што претставува Bitcoin mining софтвер. Начинот на кој што го забележале присуството на оваа програма корисниците е поради зголемената работа на процесорот на нивниот компјутер во време кога тие не го користат и тој би требало да е во idle состојба.
Инаку, Bitcoin mining софтверот, односно наречен софтвер за откопување или рударски софтвер, е наменет за верификување на трансакциите кои што се прават од страна на корисниците и нивно додавање во јавната „книга“ или исто така наречен блок синџир. Корисниците кои што го прават тоа добиваат како надомест одредена количина на биткоини, со што се извршува и функцијата на дополнително ставање во промет од оваа валута.
Од uTorrent, а подоцна и од компанијата мајка BitTorrent изјавија дека овој софтвер доаѓа со нивната програма, меѓутоа истото не се прави без знаење на корисниците. Тие како и другите до сега понудени програми од партнери, можат да бидат избрани во процесот на инсталација на uTorrent.
Извор: The Verge, Trusted Reviews, Geek