Google преку својот Chromium блог најави дека од наредната верзија од Chrome прелистувачот ќе го тргне десктоп центарот за нотификации кој што ги прикажува сите нотификации на едно место.
Chrome подолго време има поддршка за нотификации, а истите од оваа година се достапни и за обичните веб страни преку Web Push Notifications стандардот. Сите добиени нотификации обично поминуваа незабележани, пред воведувањето на центарот за нотификации минатата година.
Сепак, според Google, многу мал дел од корисниците всушност го користат овој центар, па за овозможување на подобро корисничко искуство на самиот прелистувач, а и нотификациите, од компанијата се имаат одлучено истиот да го тргнат.
Да не настане забуна кај одредени корисници. Google Chrome останува со поддршка за нотификации, само се трга функцијата која што ги прикажуваше истите во едно централизирано место.
Програмерите ќе треба да ги прилагодат своите веб апликации, чии што нотификации испратени директно во центарот сега ќе прикажуваат грешка. Повеќе технички информации за промените може да се најдат тука.
Со зголемувањето на популарноста на Windows 10 кој што за првпат вклучува центар за нотификации, останува можноста Google да реши да го користи ова вградено решение за нотификациите кои што стигаат преку прелистувачот. Тоа би било добра замена за нивниот центар, кој што во ваков случај се покажува можеби како вишок.
Центарот за нотификации ќе остане да функционира во Chrome OS, што е очекувано со оглед на фактот што овој оперативен систем е базиран на прелистувачот, па неговото постоење во тој случај е неопходно.