ff-search-interface

Не знам колку од вас практикуваат да ја користат посебната лента за пребарување која што е дел од Firefox, но Mozilla најави дека ќе воведе неколку промени кои што треба да ја направат покорисна и привлечна за користење.

Лентата за пребарување ви овозможува да пребарувате со некој од пред инсталираните интернет пребарувачи како Google, Yahoo, Bing и слични, со едниот од нив избран како главен пребарувач. Кој е вашиот главен пребарувач можете да изберете преку менито, а доколку некое од пребарувањата сакате да ги направите со некој од другите, ќе мора или да ја отворите нивната страна или прво рачно да го изберете преку лентата за пребарување.

Токму оваа ситуација новите промени ќе ја направат поедноставна и можеби покорисна за корисниците. Кога ќе почнете да внесувате текст во лентата, покрај стандардните предлози кои што и сега се појавуваат, под нив ќе ви бидат прикажани копчиња од инсталираните пребарувачи, па доколку не сакате пребарувањето да го направите со вашиот главен, можете да притиснете на некое од копчињата и да ги добиете резултатите директно од тој пребарувач. Оваа нова функција на лентата за пребарување е наречена One click search што директно ја објаснува новата можност.

DEMO-one-off-search

Од Mozilla даваат и добар пример за кога овие копчиња можат да ви се најдат корисни. Сигурно често ви се случува да кога пребарувате со Google на пример, да знаете дека резултатите кои што ќе ве интересираат се наоѓаат на Wikipedia. Со новиот копчиња, веднаш ќе можете да притиснете и да ја пребарате Wikipedia страната, наместо тоа да го правите со некој од другите пребарувачи.

Кои пребарувачи ќе ви бидат прикажани како One click search копчиња можете да избирате самите преку менито за пребарување, а се разбира останува можноста самите да инсталирате дополнителни пребарувачи од големата листа.

Покрај оваа можност, лентата за пребарување добива делумен редизајн кој што покрај новите копчиња вклучува подобрување на изгледот на предлозите кои што ги добивате по почнување на внесување на текст. Од Mozilla истакнуваат дека предлозите треба да изгледаат поорганизирано.

Точно во која верзија се планира воведување на овие новини од Mozilla не истакнуваат, односно во блогот најавуваат дека промените ќе бидат воведени наскоро.

Најави за промена на корисничкото искуство при пребарување Mozilla најави за идниот месец при најавата за постигнувањето на договор со Yahoo на местото од Google, па се очекува дека промените ќе бидат достапни со наредната 34-та верзија од прелистувачот.

Извор: Mozilla

Претходна статијаМолекуларна флеш меморија како надградба на денешната
Следна статијаКинескиот Baidu ќе претстави паметен велосипед наречен Dubike
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.