
Mailbox е популарна email апликација до сега достапна само на iOS уредите. Истата се одликува со многу едноставен кориснички интерфејс специјално направен за мобилните уреди. Направена е со цел да ја поедностави комуникацијата преку email, за која што нејзините развивачи сметале дека не е наменета за мобилните, барем не со тогаш достапните апликации. Денес сепак и другите вакви апликации се многу подобрени и масовно користени.
Mailbox се разликува од другите апликации, покрај едноставноста на корисничкиот интерфејс и вклучувањето само на најпотребните функции и по можноста за едноставно бришење или архивирање на пораките со повлекување лево или десно. Архивирањето на пораките ви овозможува избор на времето после кое што би сакале пораката повторно да ви биде прикажана. Па така, доколку добиете порака со понуда додека сте на работа на пример, со едноставно повлекување истата ја архивирате и го избирате периодот, по што пораката ќе ви биде повторно прикажана. Ова овозможува организирање на сандачето на начин што секогаш ќе можете лесно да ги најдете важните пораки, а другите да ги тргнете засекогаш или до одреден период. Изборот кој што го дава апликацијата за архивирање на пораките е до подоцна во денот, утре вечер, утре, овој викенд, наредната недела, за месец дена, некогаш, а ја имате и можноста сами да изберете конкретна дата.
Компанијата која што стои позади развојот на Mailbox, Orchestra, е купена од страна на Dropbox пред нешто повеќе од една година. На настан за медиумите кој што го организира Dropbox ја најави достапноста на Mailbox апликацијата на Android мобилните телефони, како и бета верзија од десктоп апликацијата за Mac компјутерите.
Со најавувањето на достапноста на Mailbox за Android, апликацијата доби уште една функција која што треба да го унапреди корисничкото искуство. Сега апликацијата ги учи вашите навики на архивирање на пораките и нивниот период, па истото понатаму почнува автоматски да го предложува и прави. Новата функција е достапна за двете платформи, односно на iOS и Android.
Android апликацијата е достапна во продавницата за апликации бесплатно и можете да ја симнете преку следниот линк.