Кога за првпат ќе ја видите оваа апликација сигурно ќе се запрашате дали програмерите кои што ја имаат направено навистина очекуваат корисниците да ја користат и дали се работи за некоја шега. Yo има започнато како еден вид на шега, меѓутоа во меѓувреме успева да најде поддржувачи кои што инвестираат нешто повеќе од 1 милион долари и сега е официјална апликација достапна за сите корисници.
Yo е наједноставната апликација од овој тип која што досега ја имате видено или користено. Единствената можност што ја нуди е притискање на името на контактот на кој што сакате да му испратите порака, без можност за пишување на текст или испраќање на слики, туку едноставно се испраќа зборот Yo. Можете да испратите колку сакате Yo пораки на колку сакате пријатели, а тие се разбира исто така можат да ви одговорат со испраќање на едно Yo.
Идејата зад Yo не е да ги замени другите ваши апликации кои што ги користите за комуницирање со пријателите. Yo е наменета да ја користите во ситуациите кога немате многу што да кажете или едноставно ве мрзи да пишувате на тастатурата. Можеби имате ситуации кога сметате дека се подразбира што сакате да кажете, а не сакате или немате време да напишете целосна порака, која што можеби и многу често ја пишувате со истата содржина. Иако се работи за еден збор кој што можете да го испратите, програмерите на апликацијата многу добро објаснуваат дека тој збор може многу да значи и да каже зависно од ситуацијата во која што го испраќате, како и на личноста за која што е наменет. Така на пример, можете да испратите Yo на вашите пријатели кога сте договорени за излегување, па со тоа да кажете нешто во стилот на „Јас сум спремен и излегувам, се гледаме на договореното место“. На вашата девојка или момче можете да им кажете „Мислам на тебе“, или едноставно да им кажете „Што правиш“ на вашите пријатели. Можностите се многу каде што со испраќање на само еден збор всушност можете да кажете многу.
Апликацијата е достапна за корисниците на Android и iOS уредите преку продавниците за апликации. Можеби во време на голем број на апликации кои што нудат најразлични можности за комуницирање, испраќање на слики кои што исчезнуваат, па видеа и аудио пораки и слично, оваа апликација претставува освежување и ќе успее како шега која што не можете да престанете да ја користите.
Дали на вас оваа апликација ви изгледа интересно и сметате дека е интересен начин на комуникација на кој што би можеле да се навикнете ?