Човековата креативност е неограничена, и треба да се трудиме да ја насочуваме кон позитивни цели. Најновата позитивна креација од двајца студенти на MIT е NailO – додаток за нокт со кој можете да контролирате други уреди.
Површината на NailO е осетлива на допир. Идејата на двата студени е да го залепите NailO на палецот, а со другите прсти да го контролирате како ќе посакате во однос на разни други уреди. Идејата и` дошла на Синди Хсун-Лиу Као гледајќи ги ваквите додатоци за нокти (пред се` за палци) во својот матичен Тајван. Потоа заедно со Артем Дементјев одлучиле да изградат уред кој може во исто време да биде моден додаток и контролер за уреди.
На површината на NailO може да се ставаат различни изгледи на површини за да го прилагодите неговиот изглед со амбиентот и луѓето со кои се среќавате во некој посебен момент. Двата студенти моментално работат на подобрување на технологијата во NailO. Тие имаат пронајдено произведувач кој создава батерии дебели само половина милиметар, а се на потрага по чип кој истовремено е микроконтролер, радио предавател и кондензаторски (capacitive) сензор за да ја намалат големината на уредот. Интересното е што со подолготрајно користење носителот ќе се навикне на уредот и ќе почне да го смета како дел од себе.
Со NailO ќе можете да го управувате својот преносен уред без да мора да допирате по екранот, да вртите страници на разни е-читачи на книги како и во прегледувачите, како и за најразлични други потреби. Воедно ќе можете да го интегрирате со вашиот моден стил и нема да отстапува од вашиот изглед, што е навистина битно бидејќи дел од новата преносна технологија јасно отстапува од изгледот и изгледа чудно.
Извор: Engadget, TechCrunch, MIT