eric-schmidt

Да, токму како што прочитавте – според едниот од главните во Google, Интернетот (наскоро ќе) е мртов. Секако, Шмит не мислеше на тоа дека Интернетот ќе престане да постои, туку дека тој ќе стане толку раширен и сеопфатен заедно со Интернет на нештата, што веќе нема да биде нешто посебно што треба да му пристапиш. Едноставно, Интернетот ќе се измеша со нашите животи и ќе стане дел од нас.

Трендот на сместување сензори и поврзаност со Интернет на сите можни апарати и уреди (таканаречената појава на „Интернет на нештата“) го овозможува токму ова. Сите тие уреди што се околу нас ќе добијат сопствен „живот“, одредена автономија и ќе можат да се „однесуваат“ според вашите потреби.

На пример, роботот за средување по дома ќе можете да му наредите да ги собере сите нечисти алишта и да ги смести во машината за перење, а потоа да ги испегла по 12 часот, кога ќе си легнат вашите и на евтина струја. Дури ваквите уреди ќе можат да се координираат меѓусебно преку базата на податоци (па дури и самата база ќе им нареди што да прават) и така ќе ве ослободат вас од обврските, а вашата улога ќе биде да ги координирате од време на време за да се осигурате дека не грешат некаде.

На прашањето за еволуцијата на Интернетот Ерик Шмит одговори: „Ќе одговорам многу едноставно дека Интернетот ќе исчезне. … Ќе постојат толку многу IP адреси, … толку многу уреди, сензори, работи кои ги носите, работи со кои имате интеракција поради што нема ни да го осетите (Интернетот; заб.), тој ќе биде дел од вашето постоење постојано. Замислете да влезете во соба, и собата е динамична. И со ваша дозвола и слично, вие имате интеракција со тоа што се случува во собата“. Секако, губењето на приватноста е скоро апсолутно во тој случај и ќе се има поглед на тоа што правите секој ден, кои се вашите активности и дали се „исправни“.

Дополнително можеме да претпоставиме дека со зголемувањето на информации со кои се храни Интернетот тој еден ден може спонтано да се „разбуди“ и да стане самосвесен, така постигнувајќи вештачка интелигенција. Дали ова ќе претставува нашиот следен стадиум во еволуцијата или ќе претставува крај на човештвото останува да видиме во следните неколку декади.

Извор: RT, TechRadar

Претходна статијаСоништата можно е да ни се одвиваат забавено во однос на будниот живот
Следна статијаКако до поедноставно „Start мени“ во Windows 8.1