Најновиот Nexus на Google произведен од Huawei, го тресе “iPhone 6” скандал – според YouTube каналот JerryRigEverything, на кој се прават исклучиво вакви видеа, телефонот се витка премногу лесно и дури и можете да го скршите на половина!
Видеото кое ќе го видите подолу е второ слично видео – во првото истиот човек прво прави неколку тестови на екранот за гребење, а потоа и го запалува со запалка, па потоа го витка. Ова наиде на многу негативни коментари, од кои повеќето велеа дека со затоплувањето, се намалила целосната цврстина на телефонот, па затоа и излезе повторениот тест, без претходно загревање.
Проблемот, според човекот кој го тестира, е во поврзувањето на деловите на телефонот – наместо завртки, искористени се обични лепенки, кои секако не можат да издржат голем притисок, но исто така и празниот дел меѓу батеријата и матичната плоча, каде што се наоѓа копчето за отклучување. Nexus 6P е можеби целосно изработен од алуминиум и има дури и алуминиумска рамка, која треба да ја зголеми цврстината, но ова поврзување е фатално за неговата структурална цврстина.
Сепак, приказната не завршува тука. Имено, после второто видео, на YouTube излегоа неколку други видеа на кои корисниците пробаа и не можеа да го свиткаат телефонот, а уште помалку да го скршат на половина. Според еден конкурент (ова е дури и смешно), проблемот е што JerryRigEverything е всушност специјално истрениран и силен човек – нешто што може да се види на неговиот Instagram профил.
Погледнете ги видеата и кажете што мислите. Јас мислам дека нема да ми биде доста од „препукувањата“ на YouTube каналите и би сакал да видам уште некое видео кое ќе ни го докаже спротивното од претходното.
Извор: The Verge