Експерти од Google задолжени за тестирање на сигурноста на уредите со Android оперативен систем, докажаа дека Galaxy S6 Edge е лесно подложен на напади и најдоа дури 11 проблеми во кодот кој Samsung го има ставено врз стандардната верзија од Google.
Тимот бил поделен на два дела – еден задолжен за Северна Америка и еден за Европа. Задачата на двата тима била да најдат начин да влезат во уредите преку апликации инсталирани од Google Play Store, а кои немаат дозвола за тоа, односно на начин на кој би можеле да влезат дури и помалку искусни хакери.
Интересно, тимовите ги пронашле проблемите во кодот многу брзо и лесно, односно како што велат, се работи дури и за банални грешки во кодот. На пример, хакерите би можеле лесно да влезат дури и преку драјверите, односно системот за процесирање на фотографиите, нешто што на хакерот му овозможува целосна контрола на уредот.
Така, со овие пропусти, хакерите би имале лесен пристап до буквално сите датотеки на паметниот телефон и дури и можност да впишат нови или пак да инсталираат некоја малициозна апликација.
После откривањето на проблемите од страна на тимот на Google, Samsung веќе „закрпи“ осум од нив и најави дека за останатите три ќе пристигне надградба во најкраток можен рок. Сепак, ова е уште еден удар за TouchWiz „скинот“ ставен врз Android во паметните телефони на производителот, а кој покрај проблемите со сигурноста, важи и за бавен и со многу различни багови.
Лично, не би очекувал дека поради ова Samsung ќе го исфрли TouchWiz од своите паметни телефони, но се надевам дека барем ќе го направат полесен, побрз и побезбеден. Исто така, и Android и натаму заостанува зад iOS и Windows Phone кога е сигурноста во прашање, на што Google вети дека работи во поновите верзии