Од денес започнуваат номинациите за избор на најдобрите во македонската е-трговија за 2024 година „E-commerce Awards 2024“, кој по четврти пат е во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Покрај препознавање на успешната работа на е-трговците, преку овој избор се зголемува и компетитивноста кај е-трговците со што се придонесува кон поттикнување и унапредување на растот и развојот на македонската е-трговија во целост. На изборот ќе се одбираат најдобрите домашни е-трговци за 2024 година, кои ќе се натпреваруваат во 23 категории поделени во три секции: „Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање“, „Најдобри е-продавници по сектори“ и „Шампиони во е-трговија“. Дел од категориите за кои што можат да се номинираат е-трговците се: „Најпопуларна е-продавница“, „Е-продавница за облека, обувки и модни додатоци“, „Е-трговец со најдобра грижа за корисници“, како и за „Е-трговец на годината“.

Процесот на избирање на најдобрите е-трговци се прави во пет фази, а започнува со прибирање на пријави, односно номинации на е-трговци. Пријавувањето на е-трговците е бесплатно и е во тек до 10 јануари 2025 година, до 23:59 часот. Истото може да се направи преку официјалната веб страница на наградите – www.ecommerceawards.mk.

По номинирањето следува проверка на апликациите и објава на номинираните компании кои ги исполнуваат општите и специфичните услови за учество во Правилникот за избор на најдобрите во македонската е-трговија. За номинираните компании кои ќе бидат јавно објавени на официјалната веб страница ecommerceawards.mk јавноста ќе може да гласа електронски, согласно утврдената методологија за гласање, која е јавно објавена во рамки на Правилникот. По гласањето на публиката следува гласање од жири комисијата, со што гласовите од публика ќе се вреднуваат со 60%, а гласовите од жири комисијата со 40% при вкупното гласање. По собирање на поените од публиката и жири комисијата ќе се прогласат победниците. Свечениот настан за доделување на наградите на најдобрите македонски е-трговци за 2024 година ќе се оддржи во текот на месец март 2025.

На минатогодишниот избор за најдобрите во е-трговијата беа пријавени над 160 домашни е-трговци и беа собрани над 111.200 гласови од 6.100 гласачи од јавноста, а беа доделени вкупно 38 награди на најдобрите домашни е-трговци, поделени во 24 категории.

Повеќе детали за изборот може да погледнете на официјалната веб страница: https://ecommerceawards.mk/.

Претходна статијаHDMI 2.2 стандардот ќе биде официјално претставен идниот месец во рамките на CES 2025
Следна статијаApple објави документ преку кој ги истакнува ризиците од законите кои ги носи Европската Унија