Фото: Apple

Apple пред нешто повеќе од две недели го претстави Creator Studio и може да се каже дека со тоа влезе во доста сериозна конкуренција со Adobe Creative Cloud. 

Иако не сите апликации кои се дел од Apple Creator Studio нудат целосна конкуренција на тие од Adobe, сепак пакетот е доста блиску, а кога на тоа ќе се додаде разликата во цена, Adobe можно е да има проблем. 

Од вчерашниот ден Apple Creator Studio официјално им стана достапен на корисниците со месечна претплата која чини 12,99 долари, а корисниците добиваат еден месец гратис да го пробаат. 

Дел од Creator Studio се познатите апликации, кои се главната конкуренција на тие од Adobe, Final Cut Pro, Logic Pro, Motion, Compressor и MainStage. 

Очекувано, дел од пакетот е и Pixelmator Pro апликацијата која од Apple ја купија во ноември минатата година. Оваа апликација до некаде е конкурент на Photoshop, иако втората е доста понапредна, па тешко дека сериозните корисници на оваа апликација би ја замениле. 

Тоа што до некаде изненади е што дел од Apple Creator Studio се и апликациите Pages, Numbers и Keynote, кои како дел од пакетот добиваат функции со вештачка интелигенција и повеќе готови „темплејти“. 

За корисниците кои не сакаат да ги користат овие додатни функции, апликациите остануваат бесплатни, а на macOS достапни се сега посебни верзии, односно Apple не ги надгради само претходните. 

Без разлика дали би ги користеле ВИ функциите, препорачувам да ги симнете новите верзии од овие три апликации, па ако не друго, добивате освежен дизајн, а и Apple мислам дека веќе нема да ги надградува претходните. 

Apple Creator Studio пакетот е достапен преку App Store, а апликациите и понатаму може да се инсталираат и користат посебно и независно, односно не мора да се користи новата претплата.