Вториот ден од неделата на нови Mac компјутери го доби новиот Mac mini кој сега работи со M4 и M4 Pro чиповите. Првиот нов Mac кој беше претставен вчера е нов iMac со M4 чипот.
Како главна новина кај Mac mini може да се каже дека е намалувањето на димензиите на уредот, како што се шпекулираше, иако не е донесен до големината на Apple TV. Сепак, новиот Mac mini е повеќе од дупло помал од претходниот модел и сега има димензии од 12,7 на 12,7 сантиметри.
Новиот уред е повисок од претходниот модел, па сега може да се каже дека Mac mini има повеќе сличен дизајн со Mac Studio, но во многу помала, односно „мини“ форма.

Кога е во прашање изгледот на Mac mini, а повторно како споредба со Mac Studio, уредот добива приклучоци и на предната страна, па така корисниците добиваат два USB-C приклучоци и еден приклучок за слушалки.
Исто како iMac, а како што беше најавено, Apple веќе нема да вградува 8GB меморија кај основните модели од нивните компјутери, па Mac mini започнува со 16GB обединета меморија.
Во случајот со M4 Pro верзијата, корисниците можат да изберат до 64GB меморија, со што овој мал компјутер веќе може да се каже дека станува навистина добар избор за голем број на различни корисници.
M4 Pro верзијата доаѓа со можност за избор до 14 процесорски јадра, како и 20 графички јадра.