Apple официјално го потврди проблемот со прегревање на iPhone 15 серијата и од тоа што го кажуваат од компанијата сепак треба да ги смири фановите. Не се работи за посериозен проблем, а сигурно не со дизајнот на уредите кои сега вклучуваат и титаниум.
Доказ за ова е што целата серија има проблем со прегревање, а не само Pro моделите кои доаѓаат со титаниум и мал редизајн на внатрешноста.
Дополнително, не сите корисници пријавуваат ваков проблем, но доволно пријавија за да мораше и од Apple да излезат со објаснување.
Првото објаснување кое секако беше истакнато и пред Apple, е префрлувањето на податоците од стариот на новиот уред и оптимизација на системот и апликациите. Нормално е неколку денови по купувањето телефонот да работи во позадина и поради тоа температурата да е повисока.
Apple своите коментари ги даде за Forbs, од каде што кажуваат дека имале ексклузивен разговор со претставник од компанијата.
„Идентификувавме неколку услови кои можат да предизвикаат iPhone да работи потопол од очекуваното. Уредот може да се чувствува потопол во текот на првите неколку дена по поставувањето или обновувањето на уредот поради зголемената активност во заднина.“
Сепак, од компанијата потврдија дека постои и грешка во кодот на iOS 17 и истата е биде исправена со наредната верзија која веќе е достапна за бета корисниците, односно iOS 17.1.
Тоа што сепак до некаде не беше очекувано е истакнувањето на неколку апликации кои прават проблем, па поради тоа и телефонот непотребно се загрева. Тие апликации се Instagram, Uber и играта Asphalt 9, а од компанијата веќе работат со програмерите за решавање на проблемот.
Дел од познатите „јутјубери“ веќе истакнаа дека забележуваат дека Instagram секогаш е на првото место во потрошувачката на батеријата, а тоа е случајот и со претходните генерации од iPhone.
„Исто така, најдовме грешка во iOS 17 што влијае на некои корисници и ќе биде решена со ажурирање на софтверот. Друг проблем вклучува некои неодамнешни ажурирања на апликации од трети страни што предизвикуваат преоптоварување на системот. Работиме со овие развивачи на апликации на поправки што се во процес на воведување.“
Apple додаде и дека користењето на полначи кои работат со повеќе од 20W, може повеќе да го загрее телефонот, но ништо од овие случувања не може да го оштети.