Droptalk е компанија која што има започнато со работа минатата година и е основана од страна на бивши инженери од Facebook и LinkedIn. Она на кое што има работено оваа компанија е додаток за Chrome прелистувачот кој што овозможува комуникација помеѓу луѓето директно од прелистувачот, заедно со интеграција со сервисите за складирање на податоци во облакот. Нивната мотивација била, како што тие изјавуваат, поедноставување на деловната комуникација на тимовите кои што сега поголемиот дел од комуницирањето и споделувањето на фајлови го прават користејќи email. Droptalk сервисот како дел од својата интеграција со cloud сервисите вклучува и функција која што ги известува сите членови на тимот кога одредени фајлови се додадени, избришани или променети, па тие секогаш ќе бидат во тек.
Компанијата до сега го имаше издадено само Chrome додатокот за ограничена група на бета тестери, а биле во фаза на изработка и на апликации за Android и iOS платформите. Одлуката на Dropbox да ја купи оваа компанија сигурно не ве изненадува со оглед на популарноста на овој сервис во областа на складирање и споделување на податоци. Користејќи го Droptalk, Dropbox сервисот ќе биде збогатен со дополнителна и поедноставна можност за споделување на фајлови, како и нов начин на комуницирање помеѓу корисниците.
Информацијата за приклучување на Droptalk тимот во Dropbox е објавена на официјалната страна на оваа компанија. Повеќе информации за сумата и условите на зделката нема, па останува тие детали да бидат објавени во периодот што следи.
Извор: Droptalk