Фото: Европска Комисија

Европската Комисија најави дека ќе поднесе предлог за измена на закони преку дигитален омнибус, односно предлог за олеснување на правилата во повеќе донесени закони. 

Законите се однесуваат на вештачката интелигенција, безбедноста, заштитата на податоците, а тука влегува и „популарниот“ закон GDPR. 

Иако најмала, промената која нас ни привлекува најмногу внимание е поврзана со обврската страните да прикажуваат согласност за користење на колачиња, нешто што го влоши корисничкото искуство уште од првиот ден кога беше воведено. 

Предлогот од ЕК подразбира модернизирање на оваа согласност, како што тие го нарекуваат, односно тие не планираат целосно да ја тргнат. Сепак, резултатот треба да биде многу поретко прикажување на согласноста. 

Истото ќе биде постигнато преку внесување на изборот на корисниците еднаш во нивниот прелистувач, нешто што потоа автоматски ќе биде пренесено како информација до веб страните. Поради тоа, страните нема да мора да го прикажуваат известувањето. 

Во објавата од Европската Комисијата има и предлози поврзани со вештачката интелигенција, нешто што ќе донесе олеснување на новите правила поврзани со новиот закон „AI Act“, па компаниите ќе имаат повеќе време да се прилагодат на правилата. 

Овие предлози ќе бидат поднесени до Европскиот Парламент, како и до Европскиот Совет, па ќе видиме дали, кога и во која форма ќе бидат прифатени.