Фото: SpaceX

SpaceX направи значајна промена во својата долгорочна стратегија за освојување на вселената. Наместо Марс да биде главната цел, компанијата сега ја префрла својата приоритетна мисија кон изградба на самоодржлив град на Месечината. Причината за оваа одлука е едноставна и прагматична, односно поврзана е со временските рамки и техничките можности.

Според објавата на Елон Маск, SpaceX проценува дека може да постигне функционален град на Месечината за помалку од десет години, додека колонијата на Марс би побарала повеќе од две декади за реализација. Овој временски јаз произлегува од основните орбитални механики на двете небесни тела.

Месечината нуди значајни логистички предности во однос на Марс. Летот до нашиот природен сателит трае само два дена, а лансирањата можат да се вршат на секои десет дена. Спротивно на тоа, патувањето до црвената планета бара шест месеци, а можноста за лансирање постои само кога планетите се во соодветна положба, што се случува на секои 26 месеци. 

Оваа разлика во фреквенцијата на мисиите значи дека развојот на колонија на Месечината може да напредува многу побрзо преку постојани тестирања и подобрувања.

Маск нагласи дека основната мисија на SpaceX останува непроменета – ширење на свеста и животот како што го познаваме кон ѕвездите. Месечината во оваа смисла станува првиот чекор во поголемиот план. Компанијата не ги напушта плановите за Марс целосно, туку ги одложува. 

Првите подготовки за градење на колонија на Марс се планирани да започнат за период од пет до седум години, но ќе видиме што од ова навистина ќе се реализира. 

Подоцна Маск продолжи со објавите на оваа тема, па дури најавува дека SpaceX ќе изгради систем кој ќе овозможи секој да може да патува на Месечината.