Meta најави неколку новини кои доаѓаат кај нивната мрежа Facebook, кои слободно може да се каже дека доаѓаат од страната на Instagram. Ова е логичен чекор за Facebook кога ќе се земе во предвид колку поголема популарност има Instagram изминатите години, а посебно кај помладите корисници.
Листата со новости станува „попаметна, почиста и со прилагодена навигација“, како што истакнуваат од Meta. Тоа што може да се забележи е поголемо истакнување на сликите кои се објавени на Facebook, па истите кога ќе се притисне на нив се прикажуваат на целиот екран, а исто така сега може да се притисне два пати на нив за да се „лајкнат“.

Овие два промени дефинитивно го унифицираат искуството кое корисниците го имаат на Facebook и Instagram, а мислам дека ова ќе го подобри искуството на Facebook.
Facebook добива скоро целосен редизајн на лентата за прилагодувања, а исто така при пребарување ќе се прикажуваат повеќе видови на содржина во нов формат, со можност сликите во резултатите да се гледаат на целиот екран.

Од Meta ја подобруваат и можноста зошто некоја содржина корисникот не би сакал да ја гледа, со веќе подготвен избор на причини за притискање на копчето „X“ на објавата.
Исто така, Meta најавува поедноставување на делот за креирање на содржина, па и тука може да се каже дека се добива поголема сличност со Instagram, а подобрувања доаѓаат и кај коментарите.
За крај, од компанијата најавија дека ќе почнат на корисниците да им препорачуваат пријатели врз основа на интересите кои ги имаат ставено на нивниот профил, па со тоа тие ќе можат да се спојат со луѓе со исти интереси.
Од Meta истакнуваат дека ова е само почеток во поедноставувањето на Facebook, па во 2026 може да се очекуваат уште новини.










































