swarm-screens

Како што најави минатата недела, Foursquare ја претстави својата нова апликација Swarm и со тоа го започна процесот на поделба на главната апликација и функции во две посебни апликации. Новата Foursquare апликација треба да биде претставена ова лето и ќе биде наменета за откривање на нови локации, како ресторани, кафулиња, клубови и слично, а можноста за чекирање ќе биде тргната.

Чекирањето на одредена локација и комуникацијата со пријателите ќе биде главната намена на новата Swarm апликација. Таа ќе преземе доста од функциите на Foursquare апликацијата, но во целосно нова апликација и со доста подобрувања и нови функции. Swarm го менува во основа начинот на кој што ќе работат чекирањата и следењето на пријателите. Се разбира можноста за чекирање на одредено место останува како и до сега, но ќе имате уште неколку нови можности.

Две нови функции ќе го променат начинот на кој што ја користите апликацијата, до овој ден наменета едноставно за означување на местото каде што се наоѓате во моментот. Првата е можноста непрекинато да го прикажувате соседството во кое што се наоѓате, но не и точната локација. Тоа се вклопува со новиот концепт на прикажување на листата на активности на пријателите, која што сега го става акцентот на оддалеченоста на вашите пријатели од вашата локација. За одреден пријател да биде ставен во листата, како и досега треба да се чекира на некоја локација, па со тоа да видите колку е оддалечен од вас. Со вклучување на функцијата Соседство листата цело време ќе биде исполнета со вашите пријатели и ќе можете да видите кои од нив се наоѓаат во вашата близина.

Втората функција која што е нова во апликацијата е можноста за креирање на планови, односно кратки објави во тилот на „Кој е за кафе?“ или „Тргнат сум накај парк, кој сака да се приклучи?“. Овие објави ќе бидат прикажани на вашите пријатели и тие што би сакале да се приклучат ќе може да ви одговорат и со тоа да се договорите да се најдете.

Исто така со Swarm апликацијата се менува и начинот на кој што станувате Градоначалник на некое место. Сега на едно место ќе може да има повеќе градоначалници, односно доколку вие одите најмногу на одредено место во споредба со вашите пријатели, ви ќе бидете поставени како градоначалник, без разлика што можеби некој што не ви е пријател оди во местото многу почесто од вас.

До излегувањето на новата Foursquare апликација, двете ќе функционираат паралелно. Swarm е достапна за корисниците на iOS во App Store и за корисниците на Android во Play Store. Од Foursquare изјавуваат дека работат и на верзија на апликацијата за Windows Phone која што може да се очекува подоцна ова лето.

Претходна статијаXiaomi го претстави Mi Pad, својот прв таблет компјутер
Следна статијаEnd-to-end енкрипција на пораките за корисниците на Google Apps
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.