Фото: Shutterstock.com

Вештачката интелигенција е дел од Gmail подолго време, но дури сега овој познат сервис од Google добива посериозна интеграција со Gemini. Изгледа од компанијата сега се сигурни дека нивните јазични модели се доволно развиени за да може да станат дел од работата со имејл пораките, нешто што останува доста важно до ден денес. 

Преку нивната „Gmail влегува во ерата на Gemini“ објава, Google најави неколку новини кои стануваат дел од сервисот веднаш или во месеците што следат. Како и секогаш, новите функции веднаш им се достапни на корисниците во САД, а ние останатите ќе почекаме уште некој период. 

Новините дефинитивно може да се каже дека се корисни, односно не се во стилот на Microsoft кои само гледаат да го бутнат Copilot секаде, без разлика дали има потреба или не. 

Со новите Gemini функции корисниците можат да очекуваат олеснување на работата, а посебно тие кои работат со огромен број на имејл пораки. 

Главната новина која ќе го постигне ова е „AI Overviews“ и истата овозможува сумирање на пораките кога корисникот пребарува, а уште поважно, корисниците можат директно да постават прашање со цел да најдат некоја порака. 

Gmail добива и унапредување на функцијата која досега беше наречена Smart Replies, па сега истата ќе биде наречена Smart Suggestions. Во основа, Gemini ќе може да ги разбере пораките и врз основа на тоа да предложи одговори кои корисникот би можел да ги испрати. 

Покрај тоа, Gmail станува способен да пишува целосно нови пораки, како и да ги исправа веќе напишаните, односно да го промени стилот и слично, веќе познато во времето на генеративната вештачка интелигенција. 

Новината која од Google ја најавуваат за подоцна е наречена „AI Inbox“ и во основа ова ќе биде дел кој ќе ги собира најважните пораки и ќе ги сумира во форма која на корисниците ќе им овозможи најдобар начин да се организираат и да видат што е најважно на кое треба да одговорат.