Google вчера ја претстави наредната генерација од нивните одлични и популарни Pixel смартфони. Pixel 8 и Pixel 8 Pro се двата нови телефони кои е навистина штета што не се продаваат во нашата земја, барем на официјално.

Како што е веќе стандардно кај сите производители, а тоа не е лошо како што некои сакаат да го претстават, новите Pixel телефони немаат некои драстични промени во дизајнот. Тоа значи дека тие го задржуваат карактеристичниот изглед на Pixel линијата, а секако имаат по некоја мала промена која го освежува изгледот во споредба со претходните модели.

Тоа што посебно се истакнува е поголемата светлина на екраните кај двата модели, па Pixel 8 има 42% посветол екран од ланскиот модел, а кај Pixel 8 Pro јачината на екранот може да оди до 2400 „nits“.

Екраните се со големина од 6,2 инчи, односно 6,7, прилично стандардно кај телефоните изминатите години. Двата екрани имаат 120 херци стапка на освежување, но само кај Pixel 8 Pro моделот истата може да оди до 1 херц, односно е направен со LPTO технологијата.

Резолуцијата на екраните е 2400 на 1080 пиксели кај Pixel 8 и 2992 на 1344 кај Pixel 8 Pro.

Чипот оваа година е Tensor G3 и од тоа што може да се види тој би требало да биде доволно подобар од претходните генерации за да веќе не заостанува зад конкуренцијата. Сепак, во случајот со телефоните од Google тоа и не беше некој проблем, па разликата со конкурентите е во главно на хартија.

Камерите кај двата телефони добиваат надградба, а како и секогаш кога е во прашање Google, тука е софтверот кој ја прави целата разлика. Апликацијата за камерата има редизајниран интерфејс на кој посебно се поделени прилагодувањата за сликање и снимање, доста подобро.

Pro моделот секако добива повеќе функции, па тука се Pro прилагодувањата при сликањето, а Google повторно додаде неколку софтверски новини како Best Take, Magic Editor кој овозможува преместување на објектите во сликите, Audio Magic Eraser кој ги намалува несаканите звуци од околината при снимање и повеќе.

Pixel 8 Pro на задната страна има нов сензор, кој овозможува мерење на температурата на работите. Ова може да се користи за повеќе ситуации, како на пример при готвење, а од Google чекаат одобрување од FDA за да ја додадат можноста за мерење на температурата кај луѓето.

Една од најголемите новини кај овие телефони е поддршката која ќе ја имаат во наредните 7 години. Оваа поддршка, покрај безбедносни надградби, ќе ги вклучува сите надградби на Android кои ќе бидат достапни, како и различни функции во меѓувреме.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаНоминација за Европската универзитетска филмска награда за „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски
Следна статијаGoogle Pixel Watch 2 донесува побрз чип, подобрено траење на батеријата и нови фитнес функции
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.