Фото: Google

Google оваа недела ја претстави наредната генерација од нивната Pixel серија од средната класа, а на ред е Pixel 10a. Од тоа што може да се види, овој телефон донесува толку малку новини, што слободно може да се каже дека тој е Pixel 9a, само со ново име. 

Дизајнот на Pixel 10a е истиот како кај Pixel 9a, со нешто подебелото куќиште со цел модулот за камерите да е рамен, но донесува нови бои. Материјалите остануваат исти, односно алуминиум за рамката и пластика на задната страна, а Google не се одлучува за целосна Qi2 поддршка и вградување на магнети, нешто што ќе остане ексклузивно за Pixel 10 серијата

Чипот кој се користи за новиот телефон е истиот од ланскиот модел, односно истиот кој беше претставен во 2024 година, Tensor G4, но за оваа класа на смартфони мислам дека корисниците не би можеле да забележат некоја разлика или да имаат проблем. 

Исти остануваат и екранот, резолуцијата, камерите и скоро сите функции, а еве може да се истакне нешто поновата верзија од заштитниот слој на екранот, Corning® Gorilla® Glass 7i. 

Некаква разлика кај новиот Pixel 10a се обиде да најде и Маркез Браунли во видеото во продолжение, па се прашува зошто Google воопшто морале да го претстават овој модел. 

Прашањето е логично, па од компанијата можеле или да додадат повеќе новини или едноставно да ја прескокнат оваа година, во стилот на Apple, но изгледа мора да се има нова верзија која секогаш некој ќе ја купи. 

Единствените разлики кои можеше да ги открие Браунли се 10% поголемата светлина кај екранот, нешто побрзо полнење на батеријата, како и целосно тргање на испакнувањето на модулот за камерите кој сега е целосно дел од задниот дел. 

Цената на Pixel 10a останува иста со ланскиот модел, очекувано, а како и досега, овие уреди не може да се купат официјално во Македонија, но имам забележано дека некогаш ги носат неколкуте мобилари.