Како и минатата година, на нешто околу два месеци пред претставување на главниот нов модел за годината, Google претстави нов телефон од послабата „a“ класа на Pixel уредите. Google Pixel 5a ќе биде официјално достапен во продажба од 26ти август, а ќе се продава по цена од 449 долари, но за жал овие телефони уште не се достапни во Македонија.
Кога ќе се погледнат изгледот и карактеристиките на Pixel 5a се гледа дека се работи за многу мала надградба од ланските модели, па дури може да се постави прашањето која е мотивацијата за негово купување. Во главно овој телефон може да им се погоди на корисниците кои се имаат мислено за купување на понов телефон од средната класа.
Карактеристиките на Pixel 5a се комбинација од двата лански модели, односно од Pixel 4a и Pixel 5, односно како што би се очекувало, новините се во споредба со послабиот Pixel 4a.
За разлика од ланскиот „a“, Pixel 5a доаѓа со поддршка за 5G мрежите, кои иако досега веќе требаше да се многу повеќе достапни низ светот, сепак во многу земји имплементацијата е во главно на почетокот или воопшто не е почната.

Pixel 5a работи на Snapdragon 765G чипот, кој е ист со тој кај Pixel 5, но подобар од 4a. Меморијата кај овој телефон е со 6GB RAM и 128GB простор за податоци.
Екранот е поголем од двата лански модели и доаѓа со дијагонала од 6,34 инчи и Full HD+ резолуција, а е направен во OLED технологија. На левата страна од екранот е поставена предната камера во мала дупка.
Добрата работа е што доаѓа со камерите од ланскиот посилен модел, па Pixel 5a има две задни камери со 12 мегапиксели кај главната и 16 кај камерата со ултра широк агол на сликање.
Со оглед на тоа дека се работи за поголем модел од ланските, батеријата кај Pixel 5a е и соодветно поголема, па истата има капацитет од 4.680mAh, што во комбинација на софтверот од Google, може да се очекува доста долго нејзино траење.
