Фото: Google

Google во текот на вчерашниот ден ја најави досега можеби најголемата надградба на нивната Google Maps апликација, најголема барем во изминатите десетина години. 

Како што би очекувале, оваа голема надградба доаѓа благодарение на Gemini, односно генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели од компанијата. 

Две новини се дел од оваа надградба, новини кои директно влијаат на суштината на Google Maps, односно пребарувањето на места и навигацијата. 

„Ask Maps“, односно „Прашај ја Maps“, доаѓа како резултат на интеграцијата на Gemini директно во Google Maps. Се што досега се научивме да очекуваме од ВИ „четботовите“, сега е вградено во Maps со сите предности кои доаѓаат со тоа. 

Корисниците можат да поставуваат целосни прашања, наместо само да бараат одредени места. Прашањата можат да бидат во форма на „Батеријата на телефонот ми е при крај, каде можам да го наполнам без да морам да чекам во редица за кафе?“. 

Поради тоа што сега зад пребарувањата стои Gemini, корисниците можат да поставуваат вакви прашања, а одговорите се даваат врз основа на сите информации кои се достапни во Google Maps, но и преференциите на корисникот, односно местата кои ги има посетувано, кои ги има зачувано и слично. 

Со други зборови, наместо да се бараат одредени места, па да се читаат оценките и коментарите, сега Gemini го прави сето тоа за корисникот, па потребните локации се добиваат со добро поставено прашање. 

Целосна преработка добива и втората најважна функција во Google Maps, а тоа е навигацијата. Повторно, со помош на Gemini корисниците добиваат доста подобро искуство при одењето кон одредена локација. 

Може да се види и дека Google ги имаа решено повеќето слабости на Maps кои ги имаше, а тоа посебно доаѓа до израз при промената на правецот на движење, а апликацијата сега паметно ќе го менува зумирањето и поставеноста на погледот. 

Делот за навигација сега ќе има многу повеќе детали, а и целиот приказ ќе биде во 3Д, ќе ги прикажува конкретните ленти, пешачки премини, семафори и слично, па дури ќе има и проѕирност на зградите кога тоа е потребно. 

За жал, како и секогаш на крајот од ваквите статии, овие новини за почеток ќе им бидат достапни на корисниците во САД, а не е баш познато кога можеме да ги очекуваме во Македонија. 

Од Google истакнуваат дека „Ask Maps“ почнува во САД и Индија, но нема најава за други земји, додека новиот дел за навигација започнува во САД и ќе биде проширена достапноста во месеците што следат. 

Официјалната објава, со сите слики и видеа, можете да ја погледнете тука.