Google официјално ја претстави наредната генерација од нивната А серија, односно поевтината верзија од главните модели кои обично ги претставува 6 до 8 месеци претходно.
Повторно гласините се покажаа целосно точни, па можевме да го видиме изгледот на Pixel 9a минатиот месец, заедно со една од неговите главни карактеристики.
Pixel 9a доаѓа со целосно рамна задна страна, односно модулот за камерите воопшто не е испакнат како што е нормално уште од постарите телефони.
Ова му дава на Pixel 9a навистина освежен изглед кој ќе се разликува на пазарот, а можно е и да видиме промена на трендот, односно да почнат да следат и други производители.
За да се постигне оваа карактеристика од Google одат во тотално спротивен правец од тоа што се очекува од Apple и Samsung оваа година. Pixel 9a не е баш најтенкиот уред на пазарот, па тој е доволно подебел за да може да го собере модулот за камерите.
Ова на телефонот му овозможува да има и нешто поголема батерија, па истата кај него е со капацитет од 5.100 mAh, со што од компанијата истакнуваат дека може да се користи повеќе од 30 часа без полнење.
Google исто така тврдат дека камерите кај Pixel 9a се најдобри во класата, а тоа не би не изненадило со оглед на одличниот софтвер по кој тие се одамна познати. Двете камери на задната страна доаѓаат со сензори од 48 мегапиксели кај главната и 13 мегапиксели кај ултра широката камера.
Сега со новите големи јазични модели и генеративна вештачка интелигенција може да се очекуваат уште подобри слики, а тука секако се и можностите за после сликањето кои му се достапни на Pixel 9a.
Инаку, телефонот доаѓа со 6,3 инчен pOLED екран со стапка на освежување од 60 до 120 херци и 2700 нитови максимална светлина, односно 1800 за HDR. Резолуцијата е 2424 на 1080, односно прилично стандардно за телефоните во денешно време, а посебно за средната класа.
Очекувано, Pixel 9a работи на чипот кој беше претставен со ланските најдобри модели од Google, односно на Tensor G4 од компанијата. Тој можеби не е еден од најдобрите на пазарот, но е повеќе од добар за уред од средната класа.