HMD Global компанијата стана една од најпознатите во светот во 2016 година кога го откупи брендот Nokia од тогашниот сопственик Microsoft. Тоа беше одлична новост за фановите кои оправдано беа многу разочарани од Microsoft.
Првите Nokia уреди од новиот сопственик ги видовме истата година, а од тогаш може да се каже дека компанијата сепак не направи некој посебен впечаток на пазарот, но сепак брендот продолжува да постои.
Главниот директор, претседател на одборот и ко-основач на HMD Global, Жан-Франсоа Барил, најави дека од компанијата планираат да претстават и сопствен бренд на мобилни, кој би функционирал заедно со тој на Nokia.
Лиценцата за Nokia брендот истекува во 2026, па ова може да е знак и дека од компанијата не планираат да го продолжат по оваа година.
„Возбуден сум што можам да објавам значајна пресвртница во еволуцијата на HMD – воспоставуваме оригинален бренд HMD. Може да очекувате да видите ново портфолио на мобилни уреди брендирани од HMD, како и уреди на Nokia и соработка со нови возбудливи партнери.“ – истакна Барил.
Најавена е соработка со нови партнери, но тие засега не се објавени, а исто така нема повеќе информации за тоа кога можеме да ги очекуваме првите HMD телефони.