HoverChat е апликација за корисниците на Android уредите која што е наменета да ја замени вашата основна апликација за SMS пораки. Порано наречена Ninja SMS, HoverChat не е само една од многуте замени за SMS апликацијата. Она што е карактеристично за неа и ја прави навистина различна и поинтересна од другите вакви апликации е начинот на кој што таа ве известува за пристигнатите пораки.
Корисниците на Facebook Messenger сигурно веќе ја знаат и користат, барем така покажуваат анкетите, функцијата Chat Heads, која што на било кое место од екранот, додека сте ви било која друга апликација, ви покажува мал круг со сликата од пријателот кој што во ја има испратено пораката. HoverChat ги прикажува нотификации на овој начин, ги нарекува Hover Heads, но и воведува и нешто повеќе можности за прилагодување. Па така, оваа апликација покрај тоа што прикажува крукче со сликата на контактот кој што ви ја има испратено пораката, нуди можност за избор на формата на прикажаната нотификација, односно таа не мора да биде во форма на круг. Исто така може да изберете некоја од достапните анимациите , па нив наместо сликата од контактот да ги поставите на местото за нотификации.
Доколку не сакате секоја пристигната порака да се прикажува во форма на HoverHead, во менито можете да изберете на кои контакти да се прикажуваат, а можете и целосно да ги исклучите, па апликацијата да ја користите како класична SMS апликација.
Кога ќе добиете некоја порака, со притискање на HoverHeads се отвора посебен прозорец кој што не е на целиот екран. Овој прозорец можете да го преместувате, а и да направите тој да биде проѕирен, па да можете да ја гледате и апликацијата во позадина која што била вклучена во моментот на добивање на пораката. Се разбира тука е и можноста за отворање на целата апликација, па одговарањето на пораката да го направите во неа, а не преку посебниот прозорец. Овие прозорци може да бидат повеќе од еден во исто време, па со тоа да работите со повеќе од една порака.
Апликацијата нуди уште една функција, која што интересно е наречена Anti-NSA, односно функција која што врши енкрипција на пораките пред тие да бидат испратени, па со тоа да се заштитите од нивно читање од страна на провајдерот, а со тоа и властите. Сепак, за да работи оваа функција, мора и примачот на пораката да ја користи HoverChat апликацијата. Исто така можете да изберете сите ваши пораки на телефонот да се енкриптирани, па само вие да можете да ги прочитате.
HoverChat е достапна за корисниците на Android оперативниот систем, односно верзијата 4.0 и понова. Можете да ја симнете од Play продавницата за апликации или преку следниот линк. Достапна е и платена верзија која што отклучува некои од функциите кои што се користат во апликацијата.