Од оваа недела Huawei официјално влегува на нашиот пазар со уште еден производ, лаптоп компјутери. Од компанијата најавија неколку модели кои ќе бидат достапни, а ние прв го тестиравме најдобриот од понудата, MateBook X Pro.

Ова е лаптоп кој го привлече нашето внимание уште кога ја видовме кутијата во која доаѓа, односно кога ја видовме нејзината големина. Иако се работи за уред со големина на екранот од 13,9 инчи, неговата главна карактеристика прави да користите прилично мал уред, погоден за користење во било која ситуација, па и положба.

На ова треба да се додаде тежината на MateBook X Pro од само 1,33 килограми, тежина која многу се приближува до таблет компјутерите, наместо до неговите конкуренти, лаптопите.

Уште пред да се вклучи MateBook X Pro станува јасно дека се работи за лаптоп од високата класа, кој ќе им конкурира на најдобрите на пазарот, како со перформансите, така и со дизајнот. Овој лаптоп од Huawei цели да им конкурира на лаптопите како што се тие од XPS серијата на Dell, како и MacBook Pro, па соодветно треба и да се споредува.

Го извадивме со нетрпение конечно лаптопот од неговата кутија и веднаш дојде изненадувањето, а тоа е малата тежина. Иако истата веќе ја знаевме од најавата, сепак бројките не можат да ве спремат за реалното искуство, а затоа и тестирањето на ваквите производи е нешто што го правиме со задоволство.

Нестандарден формат кај екранот на допир кој со малата тежина го прави овој уред погоден за каучот

Екранот на MateBook X Pro е исто така нестандарден. Тој не е направен во 21:9 форматот кој најчесто се користи кај лаптоп компјутерите, туку во повеќе за таблет компјутерите стандардниот формат од 3:2. Можеби од Huawei се имаат одлучено за овој формат поради тоа што екранот е на допир, а со малата тежина сигурно многу често ќе се користи и како таблет, иако не може да се сврти екранот целосно за да навистина се добие ваков уред.

Резолуцијата на MateBook X Pro изнесува 3.000 на 2.000 пиксели, што го става некаде во категоријата помеѓу 2К и 4К. Тоа се забележува при користењето, односно веќе се навикнавме на екрани со голем број на пиксели, па Huawei MateBook X Pro тука сигурно нема да разочара.

Не е ова првиот лаптоп кој има и екран на допир, но дефинитивно е нешто што мора да го има кај оваа класа на уреди во која е MateBook X Pro.

Најнови компоненти за одлична работа кај овој ултра преносен лаптоп

Стартувањето на лаптопот очекувано беше брзо, а тоа се должи како на оптимизацијата на Windows 10, така и на најновите и силни компоненти кои се дел од MateBook X Pro.

Овој лаптоп доаѓа со десеттата генерација од Intel процесорите наменети за „ултрабук“ категоријата, во овој случај моделот i7-10510U, заедно со 16GB RAM, а тука е и Nvidia GeForce MX250 графичката картичка со 2GB GDDR5.

Huawei, како што би се очекувало од еден сериозен производител, овозможува посебен софтвер преку кој може да се провери состојбата на лаптопот, како и да се провери за нови верзии од „драјверите“, нешто што е доста важно за добра работа долгорочно.

Не би навлегувале многу во корисничкото искуство на оперативниот систем поради тоа што MateBook X Pro работи на познатиот Windows 10, па сигурни сме дека повеќето од вас знаете што да очекувате, а за разлика на Android, на лаптоп компјутерите не се прават измени на интерфејсот од производителите.

Ќе забележите при користењето дека поради малата тежина на MateBook X Pro, почесто ќе го користите „легнати“ на троседот или било која слична позиција. Ова е и ситуација во која екранот на допир ќе биде и повеќе од добредојден, нешто што сигурно повеќе ќе се најде при „рекреација“, отколку при работа на маса, но сепак тоа е и прашање на навика.

Нова зелена боја во мат изведба го прави минималистичкиот дизајн екстремно привлечен

MateBook X Pro доаѓа целосно изработен од алуминиум што му дава квалитетен и цврст впечаток. Посебно додава на добриот изглед бојата, која во нашиот случај е нијанса на зелена, а ова е боја која ретко ја користат производители, па му дава на лаптопот така уникатен изглед.

Од страните уредот е прилично едноставен и нема многу приклучоци кои во денешно време може да се „сумираат“ во достапните USB приклучоци. Достапни се два Type-C и еден A USB приклучок, што е и повеќе од доволно за работа, а тие кои сакаат повеќе, најдобро е да го поврзат лаптопот на „док“ станица преку која би поврзале повеќе уреди, како тастатура, глувче, монитор и слично.

Малите рамки на екранот оставаат посебно добар впечаток, а ефектот е ист како кај мобилните уреди, кога ќе почнете да користите лаптоп со вака мали рамки, веќе се други делува застарено и „тешко“ за користење.

Тастатурата овозможува лесно и брзо пишување, а во неа е „скриена“ и веб камерата

Нема подобар начин да се испроба тастатура од тоа да се користи уредот за работата, а тоа посебно може да овозможи добар тест доколку работата вклучува пишување на статии. Поради тоа што сме навикнати да пишуваме на нашите ергономски тастатури од Microsoft, тешко се привикнуваме да пишуваме на „обична“ тастатура. Во овој случај бевме изненадени колку тастатурата на MateBook X Pro овозможува удобност и брзо привикнување. Се работи за стандардна тастатура за овој вид на уреди, но познато е дека не секој производител исто ја прави имплементацијата.

Интересно, Huawei кај своите нови лаптоп компјутери се има одлучено да ја вгради камерата на неочекувано и нестандардно место, а тоа е во самата тастатура. Истата личи на обично копче, па се појавува кога ќе притиснете на него.

Ова покрај тоа што овозможува екранот да биде со минимални рамки, исто така овозможува поголема приватност во време кога голем дел од корисниците лепат нешто врз камерата од страв дека некој може да ја искористи без нивно знаење.

Ова прави мал проблем со аголот од кој снима камерата, па кога сте на видео повик не сте баш директно насочени кон камерата, а таа ве снима одоздола. Наша препорака е да го подигнете лаптопот на нешто и така е доста лесен и со тоа да го прилагодите аголот на вашите потреби.

Симбиоза помеѓу уредите на Huawei

Како фан на Huawei сигурно веќе сте корисник на некој од нивните смартфони, па со новите лаптопи добивате уште една функција која ќе го подобри вашето корисничко искуство и спојување на денешниот во главно мобилен свет.

Multi Screen функцијата овозможува да го поврзете вашиот Huawei смартфон со вашиот лаптоп и на него да го гледате вашиот екран од телефонот. Ова отвара низа на можности, а сигурно ќе се најдат кога седите на компјутерот, па мобилниот е подобро да си остане на масата или каучот.

Кога ќе се поврзе телефон, а тоа се прави едноставно со приближување до налепницата на лаптопот со ознака Huawei Share, можете да ги гледате сите работи од вашиот телефон, а со тоа да пишувате пораки, да го проверите вашиот Instagram кој секогаш е подобар преку мобилен, да ги проверите вашите известувања и се друго за што би требало да го земете телефонот.

Одлични перформанси кои ќе го издржат целиот ден

Иако јасно е дека не се работи за „гејминг“ лаптоп и доколку најмногу што правите на вашиот компјутер е играње игри, сигурно ќе разгледувате друга категорија, сепак MateBook X Pro со десеттата генерација од Intel процесорите, во овој случај i7 процесор, нема да има ситуации каде ќе се прашате дали ви треба нешто посилно.

Од стартување на компјутерот, до правење на сите ваши дневни активности, MateBook X Pro ќе се покаже во одлично светло, а сето тоа со батерија која ќе го издржи цел ден. Од нашето тестирање, батеријата траеше во просек по 8 часа, зависно што правиме, а секако ќе издржи и повеќе ако го користиме лаптопот само за пишувањето на нашите статии.

Заклучок

Заклучокот нема да се разликува од тој кој го имаме со сите Huawei смартфони кои досега поминале на „нашата маса“. Јасно им е на повеќето за каков производите се работи, па иако лаптопите од компанијата сега влегуваат на пазарот, не би можеле да ги наречеме дека се нови. Чувството при работата со MateBook X Pro е соодветно на Huawei брендот и воопшто немавме чувство дека користиме производ кој е нов, па не знаеме што да очекуваме.

Со други зборови, тестот го почнавме со одредени очекувања и истите беа постигнати, односно задоволени.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Тежина
Перформанси и батерија
Претходна статијаРСБСП со апел: „Безбедноста нека ви биде на прво место, почитувајте ги прописите и правилата во сообраќајот- секогаш и секаде“
Следна статијаФилмски класици на Pickbox NOW
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
huawei-matebook-x-pro-e-nov-na-pazarot-no-veke-na-vrvotОдличен дизајн, а посебно со минималните рамки на екранот со допир и висока резолуција, малата тежина која нема да го направи неудобно долгото седење на каучот со овој лаптоп, одличната нова боја, го прават MateBook X Pro одличен избор за корисниците кои сакаат нешто повеќе од својот нов лаптоп.