Од 19 часот денеска корисниците ќе можат да ја инсталираат најновата верзија од iOS која беше достапна во бета форма изминатите неколку месеци. iOS 17 ќе можат да го инсталираат сите корисници на iPhone XS или некој од поновите модели, што значи мали се шансите некој корисник да не може да ја добие оваа надградба.
iOS 17 не е драстична надградба, односно не донесува многу промени, па повеќето корисници нема ни да забележат некоја голема разлика. Сепак, тука се неколку новини кои ја прават надградбата вредна за инсталација, а во случајот на Apple уредите, ретко кој го остава својот уред не ажуриран.
Дел од новините кои се дел од iOS 17 вклучуваат работи како интерактивни виџети, нешто што одамна се очекува на овој систем, потоа подобрено предвидување при пишување со тастатурата, можност за симнување на мапи во Maps и нивно користење без интернет конекција, повлекување за одговор во Messages, допирање на два iPhone телефони за автоматско споделување на контакт информациите од двата корисници или било што друго што е отворено во моментот.
Доста интересна новина е можноста на корисниците да дизајнираат што ќе се прикажува кај другите iPhone корисници кога тие ги бараат. Се бира сликата која ќе се прикажува на целиот екран, буквите, боите и слично.
iPhone со iOS 17 добива и можност за прикажување на часовник и информации, нешто слично како паметен екран, кога е поставен во вертикална позиција и приклучен на полначот.
Дел од новините не стануваат достапни веднаш, па може да се очекуваат до крајот на годината. Такви се новата Journal апликација, можност за соработка на „плејлисти“ во Apple Music, реакции во Messages со било кој стикер, AirDrop преку интернет и повеќе.
Инсталацијата на iOS 17 може да се направи како и претходните верзии, односно корисниците кои не сакаат да чекаат истата да им биде автоматски симната, процесот можат самите да го започнат преку Settings > General > Software Update.