По информацијата дека Apple имаат направено пауза од една недела во развојот на iOS 18, како и другите системи, сега Марк Гурман дополнително објаснува што може да се очекува идната година од компанијата.

Според него, внатре во компанијата од страна на менаџментот, наредните верзии од iOS и iPadOS се нарекуваат „амбициозни и привлечни“, а од нив се очекуваат поголеми нови функции и дизајни, покрај подобрувањата на безбедноста и перформансите.

Гурман пишува и за тоа дека од компанијата сериозно ги сфаќаат грешките кои се појавуваат во фазата од развојот, иако не е ретко да се случи тоа да не е баш очигледно за корисниците.

За идната година се очекува дека и Apple ќе влезе посериозно во трендот на генеративна вештачка интелигенција. Не е точно познато што може да се очекува, покрај најавите дека Apple планираат интеграција на ВИ во Siri, со што овој познат асистент би станал доста поспособен.

За разлика од Microsoft, не би очекувал до толку големо интегрирање на ВИ во сите можни делови од macOS, па тоа што би можело да се очекува е додавање на нови функции во постојните апликации, а корисниците ќе можат да ги користат по избор.

За исправката на грешките изминатиот период, Гурман додава дека се има случено во првата, М1 фаза од развојот кој има вкупно четири фази. Тој не очекува дека еднонеделната пауза ќе направи одложување на тест и финалните верзии, па може да се очекува стандардното темпо идната година.

Како последна поголема надградба на iOS се смета таа со iOS 14, од пред три години, кога во системот беа додадени „виџетите“, па слободно може да се каже дека веќе е време да се видат поголеми новини идната година.

Гурман на ова додава и дека iPhone 16 серијата нема да има нешто посебно ново, па Apple ќе мора да се потпре на новините во iOS за да го привлече вниманието на купувачите.

ИЗВОРBloomberg
Претходна статијаПрв национален симпозиум на млади лекари на 10 и 11 ноември во „Мериот“
Следна статијаКое е следното ниво кон иднина без чад?
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.