Минатиот викенд беше откриен сигурносен пропуст во Internet Explorer 6 – 11 кој што можеше да овозможи напаѓач да добие пристап до оперативниот систем на корисникот, а со тоа и пристап од неговите фајлови, можност за инсталација и бришење на програми. Иако со пропустот беа зафатени верзиите 6 до 11, сепак најзагрозени беа корисниците на верзиите 9 до 11 од овој прелистувач.
Microsoft издаде закрпа за овој пропуст за сите верзии од прелистувачот, а истата е достапна за корисниците преку Windows Update од вчера вечер. Истата автоматски ќе биде инсталирана за корисниците кои што имаат вклучено автоматско ажурирање преку Windows Update, а корисниците може и мануелно да проверат за достапните закрпи. Закрпата го носи бројот KB2964358 и преку линкот можете мануелно да ја инсталирате. Корисниците на Windows 7 и Windows Server 2008 R2 треба да ја имаат инсталирано KB2929437 пред да ја инсталираат најновата закрпа, односно закрпата за сигурносниот пропуст.
Microsoft ја издава оваа закрпа надвор од нивниот план за издавање на закрпи поради сериозноста на сигурносниот пропуст и потребата од што побрзо негово затворање.
Она што е интересно е што закрпата е достапна и за корисниците на Windows XP оперативниот систем за кој што поддршката заврши на почетокот од минатиот месец. Завршувањето на поддршката значеше крај на ваквите закрпи, меѓутоа од Microsoft објаснуваат дека поради сериозноста на сигурносниот пропуст, како и краткиот период од завршувањето на поддршката за оперативниот систем тие решиле истата сепак да ја издадат и за тие корисници. Ова не значи дека ќе има и нови закрпи за други проблеми, па препораката за надградба на компјутерите на некоја понова верзија останува.
Извор: Microsoft