
Џон Мекафи, кој најверојатно на повеќето им е познат по безбедносниот софтвер кој го носи неговото име, е пронајден мртов во неговата затворска ќелија во Шпанија во која е од минатиот октомври. Според информациите, Мекафи има извршено самоубиство кое веќе се става под сомневање, меѓу другото и поради неговата најавата дека тоа може да се случи и дека нема да биде по негова вина.
Мекафи, кој имаше 75 години, веќе подолг период е во бегство од САД каде е обвинет за затајување на данок, но исто така и за измами поврзани со крипто валути. Тој изминатите години стана многу повеќе познат по своите ставови кон властите, стилот на живот и слично, отколку за тоа со кое обично неговото име беше поврзувано.
Пред да ја започне својата McAfee компанија во 1987 година, Џон Мекафи има работено во NASA, Xerox и Lockheed Martin. Неговата позната компанија за интернет безбедност ја води до 1994, а ја продава на Intel во 2011. Софтверот и денеска го носи неговото име, иако може да се каже дека веќе одамна не постои никаква поврзаност, а и Intel веќе не се главните сопственици.
Адвокатот на Мекафи истакна дека поради состојба на очај после девет месеци во затвор, Мекафи се има обесено во својата ќелија.
Овој случај веднаш е ставен под сомневање од одредени страни кои истакнуваат дека ова не е првпат да се случи нешто вакво со лица кои се обвинети за нешто во САД.